Левица: Мирен изборен ден во фер и демократска атмосфера

Северна Македонија - прес конференција на Моника Маневска, портпаролка на Изборниот штаб на Билјана Ванковска, кандидатка за претседател на Северна Македонија од партијата „Левица“ (претседателски избори, 24.4.2024 година)

Денешниот изборен ден помина мирно во фер и демократска атмосфера, но сепак се случиле некои помали проблеми на изборните места, соопштуваат од Изборениот штаб на Билјана Ванковска, кандидатка за претседател на Северна Македонија од партијата „Левица“.

Моника Маневска, портпаролка на Ванковска, рече дека се забележани помали проблеми со фингерпринтот на повеќе гласачки места како Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром и др.

Таа истакна дека од терен добиваат информации дека во Куманово се правеле редици заради проблемите со апаратот за читање на отпечаток на прст, а во некои изборни места гласањето почнало со доцнење.

Видете и ова: Кузеска: Изборите поминаа во фер и демократска атмосфера, ги очекуваме првичните резултати


Исто така, беше кажано дека и на овие избори се појавуваат нерегуларности во Избирачкиот список па така во некои изборни места има запишано за гласачи починати лица, а во некои гласачи кои се со постојано место на живеење и без промена на адреса, но ги нема во изборниот список.

Заклучно со 19 часот заврши гласањето на првиот круг од седмите претседателски избори во Северна Македонија на кои право на глас имаат 1.814.317 избирачи, на вкупно 3.480 избирачки места.

Граѓаните можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати: Стево Пендаровски од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска, кандидатка на „Левица“ Арбен Таравари, кандидат на колаицијата „Вреди“ и Максим Димитревски од движењето ЗНАМ.