МВР ќе поднесе две кривични пријави поврзани со изборите, обвинителството нема пријава за кривични дела

Северна Македонија, Претседателски избори (April 24, 2024)

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес конференција по затворањето на избирачките места на Претседателските избори 2024 година костатираше дека денот поминал во безбедна, мирна и демократска атмосфера.

Според податоците на МВР во текот на изборниот ден евидентирани се повеќе настани кои се однесуваат на фотографирање на гласачко ливче, пријави за агитирање на гласачко место и други незначителни нерегуларности, но не се евидентирани посериозни инциденти насочени кон нарушување на регуларноста на изборниот процес.

Евидентирани се 12 случаи на фотографирање на гласачко ливче, 2 случаи на кинење на гласачкото ливче, 6 пријави за нудење поткуп, 15 пријави за агитирање.
На подрачјето на СВР Скопје во врска со пријава за испукана димна бомба, од страна на тим на антитероризам извршена е проверка, подигната е направата и објектот е предаден на Претседателот на Избирачки одбор.

Видете и ова: ДИК: Излезноста до 18.30 часот е 48,46 отсто


„МВР врз основа на претходно поднесени пријави, регистрира и 6 прекршоци и ќе бидат поднесени и 2 кривични пријави. Една за кривично дело “Повреда на тајноста на гласањето“ по член 163 од КЗ и една за „Повреда на избирачко право“ предвидено и казниво согласно член 159 од КЗ,“ рече Тошковски

Во Охрид пријавено е јавно гласање пред комисијата и на подрачје на СВР Тетово пријавен е настан за упатени навреди кон шеф на штаб на политичка партија.

На територијата на Куманово гласачките места 1100 во селото Умин Дол и 1075 во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ беа затворени, а избирачкиот материјал е вратен до канцеларијата на ОИК. На подрачје на СВР Струмица, лице при гласање на набљудувач го покажало гласачкото ливче.

Во Државното обвинителство во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса izbori@jorm.mk не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите.

„Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, изборниот ден во првиот круг од изборите за Претседател на Република Северна Македонија помина мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Не се забележани посериозни инциденти кои би имале обележја на кривично дело против изборите и гласањето или други кривични дела кои би го загрозиле изборниот процес“, велат од обвинителството.