Кузеска: Изборите поминаа во фер и демократска атмосфера, ги очекуваме првичните резултати

Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ, прес-конференција по завршувањето на претседателските избори, Скопје, 24.4.2024 година

Изборниот ден помина во фер и демократска атмосфера, а граѓаните својата волја ја изразија слободно и достоинствено, оцени портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција по затворањето на гласачките места за денешните претседателски избори во Северна Македонија.

Кузеска рече дека констатирале само неколку мали прекршувања на изборниот процес кои, како што кажа, ги сметаат за исклучоци.

„Изразуваме благодарност до сите граѓани кои денеска излегоа и го дадоа својот глас. Правото на слободно одлучување е највредната придобивка на демократијата, а самото гласање е суштински чин што произлегува од моќта на граѓаните кои одлучуваат за својата иднина и за иднината на државата“, рече Кузеска.


СДСМ ги очекува изборните резулати. Во партијата се уверени „дека граѓаните како денеска, така и на 8 мај ќе ја поддржат европската иднина на државата“.

На новинарско прашање дека од ВМРО-ДПМНЕ веќе лиферуваат резултати каде има значителна разлика во резулатите, Кузеска посочи дека претседателските избори имаат два круга, информациите се прибираат и оти наскоро ќе излезат со првични резултати.

Заклучно со 19 часот заврши гласањето на првиот круг од седмите претседателски избори во Северна Македонија на кои право на глас имаат 1.814.317 избирачи, на вкупно 3.480 избирачки места.

Граѓаните можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати: Стево Пендаровски од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска, кандидатка на „Левица“ Арбен Таравари, кандидат на колаицијата „Вреди“ и Максим Димитревски од движењето ЗНАМ.