Јакимовски: Изборите беа мирни и достоинствени, забелешка за гласањето во дијаспората

Стевчо Јакимовски, претседателски кандидат на коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ

Денешниот изборен ден помина мирно и достоинствено, оцени Стевчо Јакимовски, претседателски кандидат на коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ.

„Јас во оваа изборна кампања немам никаква забелешка на однесувањето на моите противкандидати, на нивниот речник, освен што имавме само една дуел емисија и освен онаа забелешка дека двајца кандидати беа исклучително финансирани за медиумско претставување во оваа изборна кампања што сметам дека во следните избори тоа треба да се корегира и да биде рамноправна поделба на средствата. Сметам и дека немањето на дуел емисии ја направи оваа кампања не толку атрактивна и од тие причини гледаме дека се уште немаме 50 отсто од излезеност на граѓаните на гласачките места“, рече Јакимовски.

Видете и ова: Муцунски: Овој изборниот ден е почеток на крајот на оваа власт


Тој упати критика за гласањето во дијаспората бидејќи таму, како што посочи е работен ден и граѓаните имале проблем да излезат од работа.

Заклучно со 19 часот заврши гласањето на првиот круг од седмите претседателски избори во Северна Македонија на кои право на глас имаат 1.814.317 избирачи, на вкупно 3.480 избирачки места.

Граѓаните можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати: Стево Пендаровски од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска, кандидатка на „Левица“ Арбен Таравари, кандидат на колаицијата „Вреди“ и Максим Димитревски од движењето ЗНАМ.