Заклучно со 19 часот заврши гласањето на првиот круг од седмите претседателски избори во Северна Македонија на кои право на глас имаат 1.814.317 избирачи, на вкупно 3.480 избирачки места.
Гласачките места беа отворени утрово во 7 часот.
Според податоците од интернет страницата на Државната изборна комисија (ДИК), одѕивот на претседателските избори до 18 часот изнесуваше 47,61отсто, и е поголем од последните избори за шеф на државата во 2019 година кога до 19 часот на гласање излегоа вкупно 41,67 отсто од запишаните избирачи.
Александар Даштевски, претседател на ДИК, најави дека Комисијата околу полноќ ќе ги објави првичните неофицијални резултати од првиот круг на претседателските избори.
„Со оглед дека податоците ги добиваме од општински изборни комисии, се надеваме дека пред полноќ ќе ги имаме резултатите во над 50 проценти и ќе може да ги објавиме“, рече Даштевски на прес-конференција попладнево.
Тој оцени дека гласањето досега се одвива мирно.
Видете и ова: Претседателски избори - прв кругОд Министерството за внатрешни работи (МВР) претходно информираа дека изборниот ден се одвива мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Сепак како што изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, на некои места биле регистрирани одредени неправилности, како што се фотографирање гласачко ливче, оставање летоци и пишување графити.
До ДИК до 17 часот доставени 308 приговори за заштита на лично избирачко право, од кои 75 се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат правото на глас, 25 се отфрлени како неуредни, 38 се одбиени, а останатите се во обработка.
Денешните претседателските избори ги следеа вкупно 1601 набљудувач, од кои 915 домашни и 544 меѓународни набљудувачи, како и 58 странски новинари.
Граѓаните можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати: Стево Пендаровски од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска, кандидатка на „Левица“ Арбен Таравари, кандидат на колаицијата „Вреди“ и Максим Димитревски од движењето ЗНАМ.
Според македонскиот изборен систем, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од пет години, со право на најмногу два мандати.
Изборот на претседател речиси секогаш се спроведува во два изборни круга. Во првиот круг победник е кандидатот кој ќе освои мнозинство (50 % + 1 гласач) од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Доколку ниту еден од кандидатите не го постигне бараното мнозинство, во рок од 14 дена се спроведува втор круг на гласање во кој влегуваат двајцата кандидати со најмногу гласови во првиот круг.
Во вториот круг ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно најмалку 40 % од регистрираните гласачи да го оствариле своето право на глас. Доколку ниту еден од кандидатите не ги исполни двата услови, целата изборна постапка се повторува.
Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата. Претходните беа одржани во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година.