Излезноста на гласачите до 17 часот е 44,18 отсто, објави Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференција попладнево, додека трае гласањето на седмите претседателски избори во Северна Македонија.
До ДИК до 17 часот се пристигнати податоци за излезност на гласачите од 1.788 избирачки места, со вкупно 899.977 запишани гласачи на овие избирачки места. Од нив, гласале 397.612 избирачи, односно 44, 18 отсто од вкупно запишаните, рече Даштевски.
Видете и ова: Заврши гласањето, почнува броењетоСпоред податоците за излезност до 17 часот, најголем одзив на гласачи има во Новаци, од 67,19 отсто. Најмал е одзивот во Пласница, од 15, 5 отсто.
„Во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2019 година, до 17 часот на овие избори има поголема излезност околу 9 отсто. Гласањето досега се одвива мирно на сите избирачки места“, рече Даштевски.
Досега, до Државната изборна комисија се доставени 308 приговори за заштита на лично избирачко право. Од нив, 75 приговори се усвоени, 27 приговори се отфрлени како неуредни, а 38 се одбиени. Останатите приговори се обработуваат.
Гласање не се одвива на три избирачки места во Куманово. Како што појаснија од ДИК, според Изборниот законик, доколку за три часа не почнало гласањето, истото се прекинува.
Во другите избирачки места гласањето тече нормално, рекоа од ДИК.
Во Северна Македонија денеска, 24 април, се одржува прв круг претседателски избори на кои право на глас имаат 1.814.317 граѓани. На изборите се кандидираа седуммина кандидати.