Киев од ЕУ доби транша од 1,5 милијарди евра

Илустративна фотографија.

Украина доби од Европската унија нова транша од 1,5 милијарди евра финансиска поддршка и се надева дека ќе добие уште десет милијарди евра подоцна оваа година, соопштија властите.

Украинскиот министер за финансии Сергеј Марченко изјави дека ЕУ, која ѝ обезбеди на Украина 31 милијарда евра, стана најголемиот донатор на буџетско финансирање на Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

„Меѓународната поддршка е клучот за обезбедување макроекономска стабилност и градење на основите на економскиот раст“, рече Марченко.

Видете и ова: Американскиот Сенат одобри 61 милијарда долари помош за Украина

Соединетите држави, кои одобрија милијарди долари во нов пакет помош за Украина, се исто така важен донатор.

Украина се соочува со буџетски дефицит од 37 милијарди долари оваа година и во голема мера се потпира на финансиската помош од западните партнери за финансирање на социјалните и хуманитарните трошоци.

Киев го користи најголемиот дел од својот државен приход за финансирање на одбранбените напори, додека неговите војници се борат против поголемата и подобро опремена војска на Русија, пишува Ројтерс.