Вкупно 11 лица бесправно работеле со пациенти и давале здравствени услуги, иако немале договори за ангажман, утврди Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) кој изврши вонреден надзор на Клиниката за токсикологија откако на 22 април лекари од прес-конференција алармираа дека на клиниката владее хаос.
Станува збор за пет медицински сестри, тројца болничари, двајца биолози и еден лаборант. Рената Младеновска, директорка на ДСЗИ, кажа дека тие немале никаков договор за вработување после 31.12.2023 година.
По надзорот, ДСЗИ донесе решение во кое се наведени четири точки: здравствени услуги на клиниката да се укажуваат од страна на здравствени работници и здравствени соработници со важечки договори за вработување согласно закон, здравствени услуги на клиниката да се укажуваат од страна на здравствени работници со образование согласно закон, медицинскиот и организацискиот директор на клиниката да ги извршуваат непречено своите должности од самостојна и од заедничка надлежност согласно закон.
Клиниката треба да ги спроведе овие мерки во рок од пет дена по приемот на решението. Потоа инспекторатот повторно ќе направи контрола.
Доктори од Клиниката за токсикологија вчера (22 април) кажаа дека во оваа здравствена установа се случува хаос особено, како што велат, од назначувањето на организациската (економската) директорка Бесија Иљази на средината на февруари.
Доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија рече дека во неколку наврати било барано да се вработат двајца лаборанти и еден болничар, но директорката инсистирала да се вработат 18 лица кои претходно биле примени со договор на дело, а на кои им истекле договорите.
Беќаровски рече и дека дополнителен проблем е и што немаат комуникација со директорката Иљази бидејќи, вели, таа не знае македонски јазик.
Наспроти лекарите од Клиниката за токсикологија, министерот за здравство Илир Демири најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на клиниката, Данил Петровски, додека кај организациската директорка вели „нема констатирано ниту едно прекршување на правото“.
Економските директори во клиниките беа воведени пред 17 години. За нивните плати од буџетот се трошат околу половина милион евра годишно.
Претходниот министер за здравство, Фатмир Меџити, најавуваше дека ќе ја укине оваа функција со образложение дека е несфатливо на е километар квадратен да има 66 директори, 33 здравствени установи и 33 управни одбори.
Укинување на економските директори како непродуктивен трошок најавуваа и други министри пред Меџити, но тоа досега не се случи.