Европскиот парламент ја потврди визната либерализација за граѓаните на Косово со српски пасоши

Српски пасош, илустрација

Европскиот парламент (ЕП) изгласа визна либерализација за граѓаните на Косово кои поседуваат српски пасоши. Со ова гласање е завршена процедурата во Европскиот парламент.

Известувачот за визи во ЕП, Матјаж Немец, по гласањето рече дека продолжувањето на визната либерализација на ЕУ за српските жители на Косово е важно за да се спречи дискриминација врз овие граѓани, кои се единствената категорија жители на Западен Балкан на кои сè уште им е потребна виза за патување до Шенген зоната.

„Оваа техничка одлука не е обид за решавање на спорот меѓу Србија и Косово, туку прагматично решение за обезбедување еднаков третман“, рече Немец.

Сепак, согласноста треба да ја потврди и Советот на министри на Европската унија(ЕУ), при што за гласање е потребно квалификувано мнозинство. Засега не се знае кога ова прашање ќе се најде на дневен ред на министрите на ЕУ.

За да биде конечна визната либерализација, по гласањето во Европскиот парламент и во Советот на министри, одлуката треба да биде објавена во Службен весник заедно со датумот кога стапува во сила.

Видете и ова: Европската Комисија предлага да се укинат визите за граѓаните на Косово со српски пасоши

Визната либерализација за Косово, која е во сила од 1 јануари годинава, важи само за имателите на косовски пасоши. Граѓаните на Косово со српски пасоши беа изземени од визна либерализација при укинувањето на визите за граѓаните на Србија во декември 2009 година.

По визната либерализација за граѓаните на Косово, граѓаните на земјата кои имаат само пасоши од Србија останаа единствените во регионот кои немаат слобода на движење во Шенген зоната.

Ова е причината поради која во ноември Европската комисија (ЕК) предложи да се укинат визите за носителите на пасоши на Република Србија кои престојуваат на територијата на Косово.

Видете и ова: Визната либерализација не важи за пасошите издадени од Координативната управа на Србија


Од аеродромот во Приштина не може да се патува со пасош издаден од Координативната управа на МВР на Србија во Белград за државјани на Косово, бидејќи косовските власти сметаат дека тоа е нелегално.

Носителите на овие пасоши можат да патуваат од која било земја во регионот.

Во ноември 2023 година, Европската Комисија предложи да се укинат визите за сопствениците на пасоши на Република Србија, кои престојуваат на територијата на Косово.