Иранскиот претседател Ебрахим Раиси и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф денеска (22 април) во Исламабад ја одржаа првата средба по меѓусебните ракетни напади во февруари годинава.
Тридневното патување на Раиси во соседен Пакистан е дел од напорите на двете земји да ги поправат односите што беа затегнати претходно оваа година.
Иран и Пакистан делат граница долга 900 километри, а на која дејствуваат сепаратистите кои се противат на владите во Техеран и Пакистан.
Во февруари, Иран ги нападна, како што тврди, базите што ги користат иранските сепаратисти во Пакистан.
Исламабад потоа одговори со таргетирање на локации во Иран, за кои рече дека ги користат пакистанските сепаратисти.
Видете и ова: Грмотевици и поплави во Пакистан - загинаа 39 лицаНа денешната средба, иранскиот претседател беше пречекан на аеродромот од министерот за домување Ријаз Хосеин Пирзада, а потоа беше организиран и формален пречек од премиерот Шариф.
За да ја гарантираат безбедноста, властите распоредија стотици дополнителни полициски и паравоени сили.
Според соопштението објавено од кабинетот на премиерот, Шариф и Раиси разговарале за повеќе прашања за унапредување на билатералните односи и соработка на различни полиња и ветиле соработка во борбата против тероризмот.
Иранската државна новинска агенција ИРНА соопшти дека за време на посетата на Раиси ќе бидат потпишани осум документи за соработка.
Двете страни ќе разговараат и за проект за гасовод вреден повеќе милијарди долари, кој е во мирување од 2014 година.
Видете и ова: Амнести го повика Пакистан да ја запре депортацијата на авганистанските жениПроектот, на кој Вашингтон се спротивставува поради „прекршувањето на санкциите наметнати на Техеран поради неговата нуклеарна програма“, беше започнат во 2013 година и тој треба да го снабди Пакистан со ирански природен гас.
На посетата, Раиси е придружуван од сопругата и висока делегација.
Тој планира да ги посети Карачи, најголемиот град во земјата, и Лахоре, каде ќе се сретне со новоизбраната прва министерка во Пакистан, Маријам Наваз Шариф.
По посетата на Пакистан, Раиси ќе отпатува и за Шри Ланка.