Меѓусебни обвинувањата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовската претседателка Вјоса Османи можеа да се слушнат денеска (22 април) на седницата на Советот за безбедност (СБ) на Обединетите Нации (ОН) посветена на Косово.
Османи обвини дека Белград „ја спречува интеграцијата на Србите во институциите на Косово“.
Таа изјави дека Србија ја „заплашува“ српската заедница на северот на Косово, а како пример го наведе неодамнешното апсење на косовски полицајци во Србија.
Заменик-директорот на косовската полиција Дејан Јанковиќ и четворица полицајци беа приведени на 17 април на граничните премини со Србија, а српската полиција соопшти дека се приведени за „безбедносни проверки“.
Видете и ова: Денеска седница на Советот за безбедност на ОН за КосовоОсмани обвини и оти Србија претходните денови на граница задржувала автобуси со патници од албанска националност.
Владата на Косово претходно овие постапки ги оцени како одмазда на Србија за поддршката дадена од Парламентарното собрание на Советот на Европа за членството на Косово во оваа организација.
„Србите во Косово се под притисок, но од страна на властите во Србија“, рече Османи.
Вучиќ за големото внимание на меѓународната јавност за инцидентот во Бањска
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пак, на седницата се пожали дека меѓународната заедница посветува големо внимание на инцидентот во Бањска на Косово, но не и на нападите врз српското малцинство.
Станува збор за инцидент од септември лани кога група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во селото Бањска на северот на Косово при што беше убиен полициски наредник.
Вучиќ посочи дека овој инцидент е „последица на репресијата“ во Косово.
„Нема да дозволиме да се користи како алиби за прогон на Србите (на Косово)“, рече тој, додавајќи дека во Косово намерно се создаваат лоши услови за живот на српското малцинство.
Вучиќ рече и дека поминале 11 години од потпишувањето на Бриселскиот договор, но оти Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово сè уште не е формирана.
„Тоа се единаесет години неисполнети ветувања, неспособност на Европската унија да ги придвижи работите од мртва точка“, рече Вучиќ.
Основањето на Заедницата на општините со мнозинско српско население беше договорено од Косово и Србија со Бриселскиот договор во 2013 година, но властите во Косово се двоумат дали да го спроведат договорот, стравувајќи дека овластувањата што би ги имала оваа заедница би можеле да влијаат на функционалноста на државата.
Видете и ова: Министрите на ЕУ формално ги потврдија промените во Поглавјето 35 во преговорите со СрбијаВучиќ рече дека и „укинувањето на динарот е етнички мотивирана кампања против Србите и неалбанците“ на Косово.
Централната банка на Косово донесе одлука од 1 февруари еврото да биде единствена валута за плаќања и трансакции, што во пракса значи укинување на српскиот динар.
Поради оваа одлука, на барање на Србија, Косово беше тема на седница на Советот за безбедност на ОН одржана во февруари годинава.
Денешната седница на Советот, пак, е посветена на шестмесечниот извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на УНМИК (Мисијата на ОН на Косово).
Шефицата на УНМИК за итноста од спроведување на договорот
Специјалната претставничка на генералниот секретар на ОН и шефица на УНМИК, Каролине Зијаде, на седницата потенцираше дека една од клучните забелешки е „незадоволството од постигнатото во дијалогот“ и додаде дека тоа влијае на безбедносната состојба.
„Тензиите се зголемија во последните месеци“, рече таа.
Шефицата на УНМИК рече дека никогаш не било поитно да има „целосното спроведување на договорите постигнати под покровителство на ЕУ со цел да се помогне во решавањето на серијата кризи што се случија“.
„Ова е најважното прашање за двете страни“, посочи Зијаде.
Таа посочи дека едностраните потези само создаваат недоверба, без разлика од која страна доаѓаат.
Зијаде зборуваше и за изборите на северот на Косово, за кои вели дека не придонеле за намалување на тензиите, иако тоа била целта.
Видете и ова: ЕУ: Изборите во Косово не придонесуваат за смирување на тензиите„Само 253 од околу 46.000 регистрирани гласачи го искористија своето (гласачко) право“, рече таа.
На 21 април, четири општини со српско мнозинство на северот на Косово гласаа „за“ или „против“ смена на градоначалниците Албанци. Сепак, членовите на српската заедница не беа заинтересирани за учество во гласањето. Тие претходно беа повикани на бојкот од страна на Српска листа, најголемата партија на српското малцинство во Косово.
Зијаде рече и дека вооружениот напад во Бањска е „сериозен инцидент“ и оти станува збор за „правно и политичко прашање“ кое е важно да се реши за да не се повтори таков случај.