Министрите за надворешни работи од земјите-членки на Европската унија (ЕУ) се состануваат во Луксембург за да разговараат за зајакнување на поддршката на блокот за Киев. Состанокот доаѓа во период кога од Украина стигаат предупредувања дека ситуацијата во војната со Русија може да се влоши поради интензивирањето на воздушните напади.
На состанокот закажан за денеска (22 април) дипломатите од ЕУ ќе разговараат за зајакнување на воздушната одбрана на Украина додека Русија продолжува да напаѓа со дронови и ракети.
Русија ги засили воздушните напади врз енергетската инфраструктура и други цели на украинска територија со што се зголеми и притисокот врз ЕУ да помогне за воздушна одбрана на Украина.
Видете и ова: Навалнаја предупредува на подготвеност на Путин да нападне во ЕвропаСпоред шефот на украинската воена разузнавачка агенција, Кирил Буданов, кој денеска зборуваше за Би-би-си, Украина од средината на мај се соочува со „тешка ситуација“ на линијата на фронтот.
Ден претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски во изјава за американската телевизија „Ен-би-си“, рече дека Русија сака пред 9 мај да го окупира Часив Јар во регионот Доњецк.
Овој датум во Русија се одбележува како Ден на победата над нацизмот во Втората светска војна.
Состанокот во Луксембург на министрите од ЕУ доаѓа откако Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го одобри пакетот помош за Украина во вредност од над 60 милијарди долари. Пакетот ќе биде испратен до Сенатот на дебата оваа недела со што се отвора и патот за претседателот Џо Бајден да го потпише законот.
Видете и ова: Украина собори неколку руски беспилотни леталаЗападните лидери го поздравија одобрувањето на пакетот помош од САД, а претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на социјалната мрежа Икс порача дека „Украина ја заслужува сета поддршка што може да ја добие против Русија“.
Според Институтот за проучување на војната – тинк-тенк организација со седиште во Вашингтон, комплицираната логистика за пристигнувањето на американската помош на линијата на фронтот ќе значи дека додека чекаат „украинските сили би можеле да претрпат дополнителни неуспеси“.
Од руска страна, пак, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров денеска (22 април) ги обвини САД, Велика Британија и Франција дека со зголемување на нивната поддршка за Украина ризикуваат „директен воен конфликт“ меѓу нуклеарните сили.
Неколку часа пред состанокот во Луксембург, Русија лансираше седум беспилотни летала Шахед камикази во Украина, од кои повеќето беа соборени.
Регионалниот гувернер на Одеса, Олех Кипер, рече дека дроновите биле насочени кон фарма и биле оштетени магацин и некои машини.
Беспилотните летала Шахед се евтини и ефикасни дронови произведени од Иран.
Техеран, пак, во јавноста уверува дека не ја снабдува Русија со беспилотни летала.
Видете и ова: Зеленски: Русија сака да го освои Часив Јар до 9 мајИстите беспилотни летала, над 300 од нив, ги користеше и самиот Иран на 14 април во напад врз Израел.
За време на состанокот во Луксембург, министрите за надворешни работи на ЕУ, исто така, ќе разговараат и за проширување на санкциите на блокот кон Иран поради овој напад врз Израел, за кој Техеран вели дека е одмазда за бомбардирањето на неговата амбасада во Сирија претходно овој месец.
Во нападот, за кој Иран го обвинува Израел, загинаа седум воени офицери, меѓу кои и двајца генерали.