Дел од учесниците на претседателските и парламентарните избори денеска (22 април) реагираа на инциденти и незаконски постапувања во текот на кампањата.
Денеска е последен ден од кампањата за првиот круг од претседателските избори, а од полноќ ќе настапи молк кој ќе заврши вечерта на 24 април кога ќе се затворат избирачките места.
Меѓу оние кои реагираа се претставници на албанската опозициска коалиција „Вреди“ кои од пред зградата на СВР Тетово обвинија дека без конкретна причина и незаконски во полициската станица се сослушуваат членови на Младинскиот форум на Беса, партија која е дел од оваа коалиција.
„Она што го знаеме е дека во станица прво биле повикани незаконски, телефонски, итно да пријават во полиција, а многу подоцна им испратиле и писмена покана, како што треба да пристапи полицијата. Она што можеме да го кажеме е дека овие диктаторски дејствија ги врши првиот човек на СВР Тетово, Шефик Бајрами, кој на оваа функција е незаконски поставен иако има криминално досие и е осомничен за учество во потешки кривични дела. Но, со антизаконско инсистирање на ДУИ, ја извршува функцијата прв човек на СВР Тетово“, изјави Алби Ќамили од Младинскиот форум на Беса.
Видете и ова: Судирот за СВР Тетово и стравувањата за фер и безбедни избориПратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за нов пратенички мандат од изборната единица три, Миле Лефков, пак, соопшти дека му била разбиена пратеничката канцеларија во Кочани.
„На ден пред гласање, разбиена мојата пратеничка канцеларија во Кочани. Одржав пресс пред ОВР Кочани, веднаш по пресот на Бојмацалиев. Дали инсистирањето на техничката Влада и на Бојмацалиев да нема никакви кадрови поместувања во Кочани беше токму со оваа цел, односно за да се шири страв и несигурност?“, реагираше Лефков.
Митко Бојмацалиев, кој е дополнителен заменик-министер во МВР од редовите на СДСМ, пак, се огласи на Фејсбук објавувајќи дека „МВР го расчисти случајот – сторителот е пронајден“.
Видете и ова: Изборните неработни денови „главоболка“ за родителите и приватницитеМеѓу инцидентите кои беа забележани на последниот ден од кампањата за првиот круг претседателски избори е и оштетен билборд на кандидатот на ДУИ и „Европскиот фронт“, Бујар Османи, во Струмица.
Билбордот е поставен во центарот на градот, а од струмичката полиција наведоа дека оштетувањето е направено со боја и е пријавено утрото околу 10 часот.
Видете и ова: Во Скопје опожарен билборд со Арбен ТаравариНа 24 април, граѓаните на Северна Македонија ќе гласаат за еден од седумте кандидати за претседател. Ако ниту еден не освои мнозинство гласови, двајцата најдобропласирани ќе се соочат во втор круг кој ќе се одржи на 8 мај кога ќе се гласа и на парламентарни избори.
Во трката за пратенички мандати се кандидатски листи поднесени од 17 коалиции и партии.