Граѓаните ќе може да подигаат лични документи и на денот на гласањето

Лични документи ќе се подигаат од МВР и на 24 април

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека во среда (24 април), кога ќе се одржи првиот круг од претседателските избори, граѓаните ќе може да подигаат лични документи.

„Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 24.04.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08 до 19 часот“, соопштија од МВР.

На денот на гласањето, скопјани, како и досега, ќе можат своите лични карти да ги подигаат во надлежните полициски станици.

Видете и ова: Не запираат фрустрациите со промената на личните документи

Во Северна Македонија дојде до криза со издавањето лични документи уште кон средината на 2023 кога тешко успеваше закажувањето термини за сликање.

Напливот се случи во ноември лани, кога почна да наближува рокот за промена на личните документи со новото име на државата, којашто се обврза на тоа со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција во 2018.

Рокот од пет години почна да тече со промената на Уставот во февруари 2019 година, кога името на државата официјално беше променето во Република Северна Македонија. Со тоа личните документи на граѓаните требаше да бидат променети до 12 февруари 2024 година.