Брисел ќе биде подготвен да ја разгледа можноста за укинување на санкциите кон Косово, но само откако шефот на европската дипломатија Џозеф Борел ќе поднесе извештај до земјите-членки, порача портпаролот на Европската Унија (ЕУ(Петер Стано.
„Во согласност со своите заклучоци од 12 декември 2023 година, Советот ќе разговара за мерките на ЕУ врз основа на извештајот на високиот претставник за исполнување на барањата на Унијата“, вели Стано во писмениот одговор.
По насилството на крајот на мај 2023 година на северот на Косово, кое избувна откако избраните градоначалници од албанска националност влегоа во општинските згради во општините со мнозинско српско население, ЕУ во јуни лани реши да воведе рестриктивни мерки за Приштина.
Видете и ова: Косово бара од ЕУ да ги укине „неправедните“ казнени меркиЗа потсетување, градоначалниците беа избрани на избори во април 2023 година, откако Србите ги напуштија косовските институции на крајот на 2022 година, во знак на незадоволство од одлуката за регистарски таблички на Владата на Косово.
Партијата Српска листа и локалното српско население ги бојкотираа изборите.
Ситуацијата ескалираше на 29 мај во Звечан кога дојде до судири меѓу демонстрантите и членовите на Мировната мисија на НАТО на Косово (КФОР).
Владата на Косово, претходно денеска (22 април) ја повика ЕУ да ги укине, како што велат, неправедните рестрикции велејќи дека ја исполниле обврската од договорот со Унијата за намалување на тензиите на северот на земјата.
Владата соопшти дека со завршувањето на изборниот процес на 21 април, за време на кое се гласаше за импичмент односно смена на албанските градоначалници во четири општини на северот на земјата, Косово „ја исполнило својата обврска кон своите граѓани и одговорноста преземена од договорот со ЕУ“.
Стано, пак, посочи дека со гласањето за импичмент на градоначалниците, Косово ја отворило можноста за почеток на нови локални избори „иако организирањето на гласањето за недоверба не било без предизвици“.
Тој нагласи и дека одлуката на политичките партии на косовските Срби да се повлечат од процесот и да повикаат на бојкот довело до низа тешкотии, вклучително и формирање на некои изборни комисии без членови од редовите на косовски Срби.
Видете и ова: Пропадна иницијативата за смена на градоначалниците во северните општини на КосовоПортпаролот на ЕУ изјави и оти одлуката на директорите на училиштата од српската програма на северот на Косово да не дозволат користење на школите како избирачки места, неколку дена пред денот на гласањето, создала сериозни предизвици за Централната изборна комисија.
Сето ова, вели Стано, им го отежнало и пристапот на граѓаните до точни информации за новите локации на избирачките места.
„ЕУ жали што косовските Срби на северот на Косово ја пропуштија можноста да го искористат своето право да гласаат и да избираат градоначалници кои би биле вистински претставници“, рече Стано и подвлече дека исходот од изборите не придонесува за смирување на тензиите и поплочување на патот за враќање на Србите во косовските институции, што е неопходно за нормализирање на односите.