Доктори од Клиниката за токсикологија денеска (22 април) на прес-конференција алармираа дека во оваа здравствена установа се случува хаос особено, како што велат, од назначувањето на организациската (економската) директрока Бесија Иљази на средината на февруари.
Наспроти нив, пак, министерот за здравство Илир Демири најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, Данил Петровски, додека кај организациската директорка вели „нема констатирано ниту едно прекршување на правото“.
Докторот од оваа Клиниката за токсикологија на прес-конференција придружуван од други лекари, Никола Беќаровски, вели дека најголем проблем со кој во моментов се соочува институцијата е функционирањето на лабораторијата.
„Секој кој малку разбира токсикологија, знае дека токсиколошка клиника без токсиколошка лабораторија не може да функционира. Во моментов таму функционира само еден лаборант, а за минимум да работи оваа лабораторија, потребни се барем двајца дипломирани биолози и уште еден техничар со средна медицинска спрема“, појасни тој.
Видете и ова: Приватните специјализанти го ставија штрајкот во мирувањеТој се пожали на отпор и несоработка од страна на Иљази. Беќаровски тврди дека во неколку наврати било барано да се вработат двајца лаборанти и еден болничар, но директорката инсистирала да се вработат 18 лица кои претходно биле примени со договор на дело, а на кои им истекле договорите.
„Ставот на лекарскиот колегиум, е, дека немаме потреба од толкав број нови примања“, вели Беќаровски.
Медицинскиот директор Данил Петровски, пак, како што тврди докторот, одбива да ги потпише вработувањата бидејќи е предизборен период.
Дополнителен проблем, кој Беќаровски го истакна е и што немаат комуникација со директорката Иљази бидејќи, вели, таа не знае македонски јазик, а се обидел со неа да разговара на англиски.
Видете и ова: Работниците протестираат за плати, политичарите во кампања за гласовиКомуникацијата, посочи Беќаровски, била преку преведувач, кој бил дел од тие 18 лица, па докторот рече дека не знаат дали точно се пренесувало тоа што го зборувале и обратно, дали точно им се преведува нејзиното говорење.
Министерот за здравство, пак, зборувајќи за случувањата на оваа клиника рече дека пред извесен период бил прашан од новинар за состојбата во оваа здравствена установа каде, како што му било кажано 18 вработени не примиле плата четири месеци и дека во истата институција има за жал и навреди на национална основа. Вината тој ја лоцира кај медицинскиот директор.
„Просто не можев да поверувам, дури мислев и дека е провокација. Многу ми е жал, три недели ја испитав ситуацијата. За жал, констатацијата е вистината. Длабоко сум уверен дека луѓето кои ги користат ваквите испади и навреди не го мислат тоа. Навреди на национална основа. Не може доктор да мисли така и да се служи со таков речник. Ќе преземам сериозни мерки, директорот медицински денеска ќе го разрешам од позицијата, иако сме влезени во изборите“, изјави Демири.
Изјава за медиумите, како што пренесе државната агенција МИА, даде и организационата директорка на Клиниката за токсикологија, но зборуваше само на албански јазик.