Поради сензитивноста на периодот пред избори како и отежнатата работа на клиниките во комлексот „Мајка Тереза“ во Скопје, приватните специјализанти одлучија привремено генералниот штрајко да го стават во мирување.
Сепак, како што најавија, секој вторник ќе потсетуваат на нивните барања.
„Во знак на изразување на револт што нашите барања сè уште не се прифатени, приватните специјализанти од следната недела, секој вторник за време на својата пауза, во 11 часот ќе се собираат во паркот пред интерните клиники, со цел да покажеме дека сме тука, постоиме и чекаме да се решат нашите проблеми“, рече Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина.
Видете и ова: Работниците протестираат за плати, политичарите во кампања за гласовиТаа се огради од каква било политичка поврзаност на штрајкот и порача дека единствениот мотив за него е тоа што како приватни специјализанти биле „доведени до работ на егзистенцијата“.
Претседателката на Здружението на лекари специјализанти, доктор Александра Георгиева нагласи дека ставањето на штрајкот во времено мирување никако не значи откажување од кое било барање.
„Се надеваме веднаш по завршување на изборниот процес и формирање на новата Влада, дека сите барања ќе бидат решени – здравствено осигурување, плата на ниво на просечен лекар и вработување на сите колеги кои се на специјализација“, нагласи Георгиева.
Таа рече оти над 70 проценти од студентите на Медицинскиот факултет активно учат германски јазик, што според неа не е случајно.
Според статистиките на Македонското лекарско друштво, од 200-250 лекари секоја година ја напуштаат државата што е еднакво на бројот на студенти што се запишуваат на Медицинскиот факултети.
Видете и ова: Штрајк на специјализантите - од Владата бараат писмени гаранцииТехничката влада, пак, на седница во на 16 април донесе одлука статусот на приватните специјализанти да се решава по изборите со предлог-законски решенија со кои ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности.
Приватните специјализанти во Северна Македонија се околу 400 на број. Тие стапија во штрајк на 15 април. Земаат плата од 26 илјади денари или нешто повеќе од минималната и бараат таа да им се зголеми колку и на другите лекари како и да бидат редовно вработени, а не да работат под договор на дело. Овие неколку стотини лекари немаат ниту здравствено осигурување, ниту породилно отсуство.