Во Русија блокирана веб-страницата на Репортери без граници

Репортери без граници е основана во 1985 година со цел да ја заштитува слободата на медиумите.

Пристапот до веб-страницата на групата Репортери без граници (РСФ), која ги следи правата на новинарите ширум светот, во Русија е ограничен, соопшти државната агенција за мониторинг на медиумите Роскомнадзор.

Од руската државна агенција наведуваат дека го „ограничиле пристапот“ поради ширење лажни вести за специјална воена операција од страна на РСФ. „Специјална воена операција“ е термин што го користат руските власти за инвазијата на Москва врз Украина, започната во февруари 2022 година.

На веб-страницата на Роскомнадзор, се наведува дека блокирањето на Репортери без граници е направено по барање на неименуван „државен орган“.

Најчест иницијатор за вакви блокади е главното обвинителство.

Масовното блокирање на веб-страниците во Русија започна по инвазијата на Украина.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Американската новинарка, затворена во Русија, вели дека ќе излезе на слобода како невина

Оттогаш, Роскомнадзор бара медиумите да објавуваат само „информации од официјални руски извори“ за војната во Украина и им се заканува со казни и блокади.

Агенцијата бара медиумите да ги отстранат и информациите за војната кои руските власти ги сметаат за „невистинити“.

Како резултат на тоа, стотици илјади веб-страници, профили на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Икс, како и независни медиуми, вклучително и Радио Слободна Европа, беа блокирани во Русија.

Репортери без граници, со седиште во Париз, е основана во 1985 година со цел да ги заштитува слободата на медиумите и правото на слободни и веродостојни информации.