Израелскиот воен штаб одобри продолжување на војната во Газа

илустрација

Началникот на Генералштабот на израелската армија Херзи Халеви ги одобри плановите за продолжување на војната во Газа, соопшти синоќа израелската армија.

„Халеви синоќа ги „одобри понатамошни чекори“, рече портпаролот на армијата Даниел Хагари.

Израелскиот ТВ канал Кан јави дека дел од плановите е воена операција во градот Рафа на југот од енклавата долж границата со Египет. Најверојатно наскоро се очекува евакуација на цивилното население.

Видете и ова: Девет деца и четворица возрасни загинаа во бомбардирање на Газа

Портпаролот на израелската армија вчера директно им се обрати на заложниците кои ги држи Хамас.

„Ќе продолжиме да се бориме додека не дојдете дома“, рече тој и додаде:

„Роднините на заложниците се во неподнослива ситуација и ќе направиме се за да ги ослободиме нивните најблиски“.

Според здравствените власти во Газа, повеќе од 34 000 луѓе се убиени, а речиси 77 000 се повредени од почетокот на војната пред шест и пол месеци. Овие бројки, кои не ги разликуваат борците од цивилите, не можат независно да се потврдат.