Во четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово: Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток денеска се гласа за или против смена на градоначалниците Албанци.
„Во Северна Митровица, во првиот час по отворањето на избирачките места, никој не го искористи своето право на глас“, јави од местото на настанот новинар на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Иста е состојбата во Зубин Поток, на избирачкото место во зградата на општината, како и во Лепосавиќ, каде се гласа на 19 избирачки места.
Портпаролот на Централната изборна комисија (ЦИК) Ваљмир Ељези изјави дека сите избирачки центри во општините на северот на Косово се отворени.
„Ги повикувам граѓаните да го остварат своето право и да се изјаснат дали се за или не се за смена на градоначалниците на четирите општини“, рече Ељези.
Видете и ова: О'Брајан во Белград: Косово да формира Заедница на општини со српско мнозинствоСпоред податоците на ЦИК, право на глас имаат 46.556 гласачи, од кои 1.461 се нови.
Според одлуката на Централната изборна комисија, во Лепосавиќ се отворени осум избирачки места каде се гласа од 7 до 19 часот.
Отворени се пет избирачки места во Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица.
ЦИК мораше да најде алтернативни локации за избирачки места, бидејќи образовните институции кои работат во српскиот систем во четири општини на северот на Косово не дале дозвола за користење на нивните простории.
Граѓаните можат да одговорат со „ДА“ или „НЕ“ на прашањето дали се согласуваат градоначалникот во нивната општина да биде разрешен.
За да биде успешно гласањето потребно е за опцијата „ЗА“ да гласаат најмалку 50 отсто плус еден гласач со право на глас во секоја од четирите општини на северот на Косово.
Потоа резултатаите се испраќаат до претседателката на Косово, Вјоса Османа, која има законски рок од 30 до 45 дена да распише вонредни избори.
Доколку гласањето биде неуспешно, градоначалниците остануваат на власт и за една година може да се покрене нова иницијатива за нивна смена.
Видете и ова: ЕУ повторно го повика Косово да формира Заедница на општини со српско мнозинствоМнозинското српско српско население во Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток не ги прифаќа албанските градоначалници, но сигурно е дека на 21 април нема да гласаат за нивна смена бидејќи Српската листа - најголемата партија на Србите на Косово која има поддршка од Белград, повика на бојкот.
Албанските градоначалници дојдоа на власт затоа што Српската листа ги повика граѓаните да ги бојкотираат изборите во април 2023 година, кои беа организирани откако Србите ги напуштија косовските институции во ноември 2022 година на иницијатива на таа партија.
Во меѓувреме таа партија побара нови избори и ја поддржа граѓанската петиција за смена на градоначалниците, за на 7 април да соопшти дека нема да учествува во гласањето за смена на градоначалниците.
Гласањето на 21 април се организира врз основа на Административното упатство издадено од косовската Влада, по притисокот на меѓународната заедница да распише нови избори во општините на северот на Косово.