Столтенберг - НАТО ќе испрати противвоздушни системи во Украина

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, прес-конференција на 18 април.

Земјите на НАТО се согласија да испратат повеќе системи за противвоздушна одбрана во Украина, вклучително и системи Патриот, изјави на 19 април генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

„НАТО ги провери постојните капацитети во Алијансата и има системи кои можат да бидат испратени во Украина. Според тоа, очекувам наскоро нови најави за противвоздушни одбранбени системи“, рече Столтенберг по видео состанокот на министрите за одбрана на Алијансата со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Покрај „Патриот“, има и други системи што сојузниците можат да ги испратат, вклучувајќи ги системите САМП-Т и ракети земја-воздух француско-италијанско производство, додаде Столтенберг.

Видете и ова: Зеленски побара од НАТО системи за противвоздушна одбрана

„Нема да дадам точни бројки, но работиме со сојузниците за да се осигураме дека тие ќе донесат добри одлуки за снабдување со новите системи Патриот“, рече тој.

Украина бара од своите сојузници да ѝ испратат системи за противвоздушна одбрана, вклучително и системите Патриот, кои се најефективни против руските хиперсонични ракети, кои ги погодија украинските градови и инфраструктура во последните недели.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 19 април им кажа на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат својата воена помош за Киев.