Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на 19 април донесе одлука со која ѝ предложи на Академијата за судии и јавни обвинители да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели до завршување на изборите. Одлуката е донесена со четири гласа „за“ и еден „против“ и за неа е дозволена тужба во рок од 24 часа.
ДКСК ја донесе ваквата одлука по доставен приговор од кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска - Давкова дека Академијата за судии и јавни обвинители спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.
„Се задолжува Академијата за судии и јавни обвинители започнатата постапка за прием на 130 слушатели, да ја стави во мирување до завршување на изборите за избор на претседател на државата и пратеници во Парламентот и Владата“, се вели во одлуката на ДКСК.
Видете и ова: Управен суд пресуди во корист на Академијата за судии и обвинителиПриговорот на Силјановска - Давкова до ДКСК беше доставен ба 6 април дека Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) спротивно на Изборниот законик, заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.
Приговорот од Силјановска - Давкова беше поддржан од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата на судии и јавни обвинители поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд.
По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот беше вратен во ДКСК на повторно постапување.