Украинскиот претседател Володимир Зеленски во изјава на 19 април им порача на членките на НАТО дека на Украина ѝ се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за Украина да се спротивстави на руските воздушни напади.
Зеленски ги повика земјите на НАТО да ја засилат својата воена помош за Киев.
Говорејќи преку видео врска на Советот НАТО-Украина, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил препуштен сам на себе за време на масовниот воздушен напад на Иран.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земја, а нашето небо мора повторно да стане безбедно. И тоа целосно зависи од вашиот избор (...) од изборот дали навистина сме сојузници“, рече Зеленски во својот говор.
Видете и ова: Прогласен ден на жалост за жртвите во Днипро, Г7 ветија повеќе воздушна одбранаЗеленски оцени дека Русија во моментов има воздушна супериорност, ограничувајќи ја можноста на Украина да напредува на линијата на фронтот.
„Очигледно сега, додека Русија има воздушна супериорност и може да се потпре на својот терор од беспилотни летала и ракети, нашите опции на теренот за жал се ограничени“, додаде тој.
Русија го засили бомбардирањето на енергетската инфраструктура на Украина и нејзините градови во последниве недели, зголемувајќи го притисокот врз Киев бидејќи побројните и подобро опремени сили на Москва полека напредуваат на бојното поле на истокот, наведува Ројтерс.