Организациите за човекови права во Србија ги повикаа Владата и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да ја поддржат Резолуцијата на ОН за Меѓународниот ден на сеќавањето на геноцидот во Сребреница.
Во заедничка изјава објавена на 19 април, тие апелираат до српските власти „да престанат со практиката на славење на осудените воени злосторници, негирање на злосторствата, жртвите и пресудите на меѓународните судови“.
„Со тоа Србија ќе направи одлучувачки чекор кон помирувањето во регионот“, додаваат тие.
Генералното собрание на ОН веќе на почетокот на мај би можело да расправа за Резолуцијата, која ја иницираа Германија и Руанда.
Видете и ова: Поддржувачите на Додик на собир против резолуцијата за СребреницаНацрт-резолуцијата, меѓу другото, повикува на осуда на негирањето на геноцидот во Сребреница и глорификација на одговорните за убиствата на околу 8.000 бошњачки цивили во јули 1995 година.
Белград лобира во Обединетите нации против резолуцијата, на којашто се противат и властите на ентитетот на НиХ, Република Српска.
Резолуцијата на Обединетите нации за Сребреница беше тема на состанокот зад затворени врати во ОН на 17 април.
Апелот до претставниците на властите во Србија е потпишан од страна на 14 организации.
Меѓу нив се Фондот за хуманитарно право, Жените во црно, Младинската иницијатива за човекови права (МИЧП), Комитетот на адвокати за човекови права (ЈУКОМ), Белградскиот центар за безбедносна политика (БКБП), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија и други.
Видете и ова: Собранието на Република Српска изгласа извештај со кој се негира геноцидот во СребреницаВластите во Србија и Република Српска со години го повторуваат истиот став. И покрај меѓународните пресуди, тие негираат дека е извршен геноцид во Сребреница.
Пресудите на меѓународните судови и судовите во Босна и Херцеговина утврдија дека во јули 1995 година, кога Армијата на Република Српска ја окупираше Сребреница, е извршен геноцид врз околу 8.000 бошњачки цивили.
Досега повеќе од 50 лица се осудени на повеќе од 700 години затвор за геноцид и злосторства во Сребреница.