Г7 го предупредува Иран на нови санкции

Состанок на шефовите на дипломатиите на Групата 7 во Капри. 19 април 2024 година.

Министрите за надворешни работи на Групата седум индустриски најразвиени земји (Г7) на 19 април го предупредија Иран на нови санкции поради нападите со беспилотни летала и ракети врз Израел. Земјите истот така ги повикаа двете страни да избегнат ескалација на конфликтот.

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, кој претседава со состанокот на министрите за надворешни работи на Г7, рече дека агендата за тридневниот состанок е променета за да се работи на „најновите случувања“.

Израел, како што јавија американските медиуми повикувајќи се на американски официјални лица, денеска изврши напад врз Иран, додека иранските државни медиуми објавија дека се слушнале експлозии во градот Исфахан во централниот дел на земјата.

Видете и ова: Израел наводно извршил одмазднички напад врз Иран

Израелските власти најавија дека ќе возвратат на нападот на Иран, кој на 14 април лансираше повеќе од 300 беспилотни летала и проектили врз Израел, од кои речиси сите беа соборени.

Соединетите Американски Држави ги информирале шефовите на дипломатијата на Г7 дека „во последен момент“ добиле информација од Израел за акцијата со беспилотни летала во Иран, соопшти италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека САД не биле вклучени во какви било „офанзивни операции“, но одби да ги коментира наводите дека Израел однапред ги известил САД за акцијата.

Г7 ги вклучува САД, Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Јапонија и Италија, која е претседавач оваа година.