Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и командантот на мировната мисија на Косово, КФОР, Озкан Улуташ денеска присуствуваат на завршницата на воената вежба „Вихор 2024“.
Вежбата со боево гаѓање се спроведува на привремениот полигон „Пештер“ на југозападот на Србија.
Министерството за одбрана на Србија соопшти дека вежбата се изведува со цел дополнително да се подобри обуката и способноста на командите и единиците на Вооружените сили на Србија. Исто така и за решавање на тактички и огнени задачи при подготовка и извршување на борбени операции.
Во вежбата учествуваат копнените и воздушните компоненти на армијата и на специјалните сили.
Министерството за одбрана на Србија наведе дека според бројот и разновидноста на ангажираните борбени сили, таа е една од најголемите што ги извршуваат српските Вооружени сили.
Видете и ова: Ослободен заменик директорот на косовската полиција кој беше уапсен во СрбијаКФОР: Непоколеблива посветеност на КФОР за регионалната стабилност
Мировната мисија на НАТО на Косово (КФОР) објави дека присуството на командантот Озкан Улуташ на годишната вежба на вооружените сили на Србија ја одразува „ефективната врска што се развиваше низ годините меѓу КФОР и Вооружените сили на Србија“.
„Овој однос беше развиен преку редовни контакти меѓу раководството на КФОР и началникот на Генералштабот на српските вооружени сили, генерал Милан Мојсиловиќ, како и преку набљудување на претходните вежби на вооружените сили на Србија од страна на припадниците на КФОР. Посветеноста на КФОР на регионалната стабилност е непоколеблива“, рече портпаролот на КФОР, Салваторе Масколи.
Во соопштението се наведува дека КФОР исто така продолжува да ги следи сите релевантни безбедносни случувања кои можат да влијаат на трајната безбедност на Косово и на регионалната стабилност.
Видете и ова: Без договор заврши новата рунда разговори за употребата на динарот во КосовоКурти: Воените вежби на Србија се закана за безбедноста на Косово
Косовскиот премиер Албин Курти оцени дека воените вежби на Србија „Вохор 2024“ претставуваат закана за безбедноста на Косово и за регионот на Западен Балкан.
„Денеска ќе спроведат вежби со борбени беспилотни летала камикази, а местото каде што ќе се одржуваат овие вежби, освен што е на 30 километри од границата на Косово, е на само 3 километри од границата на Србија и Црна Гора“, изјави Курти за новинарите.
„Ова е доказ дека Србија е главниот актер на дестабилизација во регионот на Западен Балкан и дека претставува закана за нашата Република што не ја признава, но и за безбедноста на сите граѓани на нашиот регион“, додаде тој.
Од септември минатата година, кога вооружена група Срби ја нападна косовската полиција во Звечан, властите во Косово неколку пати ја обвинуваат Србија за распоредување на свои војници во близина на границата.
Косово и Србија делат гранична линија долга околу 400 километри.