Синдикалната организација на АД Водостопанств денеска, 19 април, преку мирен протест побара од Владата да им се префрлат средства за плати и трошоци за гориво, електрична енергија и резервни делови за да ги подготват и одржуваат каналите за наводнување и одводнување, цевководите за достава на сурова вода, се со цел да може да отпочне и да се заврши сезоната за 2024 година.
На мирен протест на вработените пред дирекцијата на АД Водостопанство и воедно во сите 14 подружници на ова акционерско друштво, синдикалните претставници соопштија дека не ја добиле платата за март и информираа за проблемот со ненаплата на водните услуги од општините корисници, кои им должат 240 милиони денари, нагласувајќи дека сето тоа било толерирано од нивниот менаџерски тим.
Од основањето во 2016 година, во последните три години велат се соочуваат со финансиска криза, а најтешка им е актуелната 2024 година. Тие предупредија дека во прашање ќе биде доведен земјоделскиот род и загрозена егзистенцијата на 30 илјади земјоделски семејства.
„Не ќе можеме да испорачаме вода до земјоделските површини и цевководите за достава на сурова вода до комуналните претпријатија, а со тоа се загрозуваат посевите и родот, што ќе резултира и со загрозување на опстанокот на 30 000 земјоделски семејства кои егзистираат само од земјоделството и четири градови кои користат вода за пиење“, изјави денеска Коста Малзарков, претседател на синдикалната организација на АД Водостопанство, претпријатие кое има 517 вработени ширум целата држава.
Малзарков објасни дека од собраните средства за минатата година до февруари годинава, требало да имаат плати до јуни 2024, но Управата за јавни приходи им ја блокирало сметката и им ги зела сите средства.
Видете и ова: Вработените во „Национални шуми“ бараат исплата на задоцнетите плати„Неплатените обврски кон УЈП се должи на фактурите кои од наша страна се доставени до комуналните претпријатија во Куманово, Струмица, Берово и Кавадарци кои не ги платиле своите обврски кон нас, а тоа се околу 240 милиони денари, од што само ДДВ се 45 милиони. Средствата собрани за водни услуги се толку мали што само за плата има за осум месеци, а каде се другите средства за гориво, електрична енергија која ја користат пумпите за наводнување, резервни делови и други трошоци“, истакна Малзарков.
Претседателот на АГРО-синдикатот, Игор Китановски, изјави дека лани имале проблеми за исплата на платата за мај, а оваа година, рече, „голготата“ почнала уште во март.
Китановски објасни дека за оваа состојба не се виновни вработените во Водостопанство, но вели општините не ги подмируваат трошоците кон ова претпријатие иако ја добиваат водата до пречистителните станици која им ја продаваат, односно наплаќаат на граѓаните.
„Станува збор за поголема сума на пари, околу 240 милиони денари, за кои се издадени фактури и не се наплатени повеќе години. Зошто тоа се толерира треба да одговори менаџерскиот тим. Во изминатиот период Управата за јавни приходи ја блокираше сметката на ова Водостопанство, присилно наплати ДДВ за издадените фактури, но ненаплатени кон тие општини, и до денес менаџерскиот тим нема преземено мерки за нивна наплата и за тоа треба да сноси одговорност“, рече Китановски.
Тој информираѓше и дека на 9 април побарале средба со техничкиот премиер Талат Џафери, но вели и по 10 дена немаат одговор од Владата, ниту пак ја добиле мартовската плата. Китановски најави и доколку платата не им биде исплатена, во наредниот период ќе ги радикализираат протестите.