Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно апелираше до западните партнери на Украина итно да и обезбедат на неговата земја повеќе системи за противвоздушна одбрана, по смртоносните руски ракетни напади на 19 април врз повеќе украински градови и критичната енергетска инфраструктура.
Одделно, украинските воздухопловни сили тврдат дека уништиле руски бомбардер како одговор на ракетните напади на 19 април.
„Секоја земја што обезбедува системи за противвоздушна одбрана за Украина, секој лидер кој помага да се убедат нашите партнери дека системите за противвоздушна одбрана не треба да се чуваат во магацини, туку да се распоредуваат во вистински градови и заедници кои се соочуваат со терор, всушност е спасувач на животи“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Х, порано позната како Твитер.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Воздухопловните сили на Украина денеска соопштија дека уништиле руски стратешки бомбардер Ту-22М3, по рускиот напад на 19 април.
„Ова е одмазда за фактот дека руските стратешки авиони денеска ги нападнаа нашите мирни градови, при што загинаа цивили“, изјави за РСЕ портпаролот на воздухопловните сили Илја Јевлаш.
„Ова е првпат нашите воздухопловни сили заедно со нашите партнери од военото разузнавање и другите одбранбени сили да успеат да соборат стратешки авијациски авион Ту-22М3“, додаде Јевлаш.
Видете и ова: Најмалку осум лица убиени во руските напади врз областа ДњепропетровскОвие тврдења сепак не можеа независно да бидат потврдени.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека Ту-22M3 се урнал во јужниот регион Ставропол поради техничка неисправност додека се враќал во базата од борбена мисија. Регионалниот началник на Ставропол, Владимир Владимиров, изјави дека еден од четворицата членови на екипажот загинал, додека друг се води како исчезнат.
„Двајцата други членови се пронајдени живи“, рече Владимиров.
Министерот за внатрешни работи на Украина, Ихор Клименко, изјави дека најмалку осум лица загинале, а 25 се ранети во руските ракетни напади врз областа Дњепропетровск рано изутрина на 19 април.
„Две лица загинаа во градот Днепар и шестмина во областа Синелникивски јужно од Днепар, каде што беа оштетени повеќе од десетина домови“, рече Клименко.
Серхи Лисак, началник на администрацијата во овој регион, на Телеграм информираше дека во градот биле оштетени и станбена зграда и еден инфраструктурен објект.
Третата локација во Дњепропетровск, родниот град на Зеленски, Кривиј Рих, беше цел на посебен руски напад во кој беше оштетена инфраструктура и беа ранети три лица, според зборовите на градоначалникот Олександар Вилкул, кој рече дека ударот врз инфраструктурата предизвикал пожар.
Видете и ова: Борел: Земјите-членки на ЕУ треба да ги испратат противракетните системи во Украина„Русија мора да сноси одговорност за својот терор, а сите ракети и беспилотни летала „Шахед“ мораат да бидат пресретнати. Светот може да го овозможи тоа, а нашите партнери ги поседуваат потребните способности. Ова беше демонстрирано и на небото над Блискиот Исток, а треба да функционира и во Европа“, рече Зеленски алудирајќи на масовниот ирански напад со беспилотно летало врз Израел минатата недела, кој практично беше целосно одбиен во заеднички напор на воздушните одбрани на Израел, САД, Франција, Велика Британија и Јордан.
Украина со месеци се залага за поголема противвоздушна одбрана бидејќи се бори со се поинтензивните руски воздушни напади врз нејзината инфраструктура, додека нејзините резерви со оружје и муниција се намалуваат бидејќи критичната американска помош останува заглавена во Конгресот.
САД пак се убедливо главниот снабдувач на воена помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Но, очајно потребниот пакет воена помош од 61 милијарда долари за Украина и натаму останува блокиран во Претставничкиот дом на САД поради противеењето на тврдокорните во Републиканската партија, кои сакаат да ги поврзат прашањата на внатрешната политика на земјата, како што е имиграцијата, со одлуката за одобрување на странска помош.
Се очекува Претставничкиот дом на 20 април да гласа за нова воена помош, вклучувајќи го и долго одложуваниот пакет за Украина.