Две лица уапсени во Полска за напад на соработник на Навални во Литванија

Леонид Волков, руски опозициски активист

Две лица се уапсени во Полска под сомнение дека го нападнале рускиот опозициски активист Леонид Волков, сојузник на починатиот опозициски лидер Алексеј Навални, изјави во петокот литванскиот претседател Гитанас Наузеда.

Поранешниот шеф на кабинетот на Навални беше нападнат во март пред неговиот дом во главниот град на Литванија, Вилнус, каде што живее во егзил.

Напаѓачот му скршил едно стакло од автомобилот, му ги испрскал очите со солзавец и го удрил со чекан, соопшти тогаш полицијата.

Видете и ова: ЕУ воведе санкции поради смртта на рускиот опозиционер Навални

Литванскиот претседател и се заблагодари на Полска за нејзината соработка во апсењето на осомничените, иако немаше коментар од полските власти.

Волков, кој ја напушти Русија во 2019 година плашејќи се за својата лична безбедност, се здоби со скршеница на раката во март, откако беше погоден со чекан за месо.

Нападот се случи на помалку од еден месец по смртта на Навални под сомнителни околности во затвор на рускиот Арктик.

Разузнавачките служби на Литванија тогаш објавија дека нападот „веројатно“ е операција „организирана и изведена од Русија, чија цел била да се запре реализацијата на проектите на руската опозиција“.