Партиски активности, средби со граѓани, митинзи и собири низ градовите во Северна Македонија го одбележаа првиот ден од кампањата за парламентарните избори.
Партијата ЗНАМ, чиј претседател е кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој воедно е и претседателски кандидат, вечерва (18 април) стартуваше со митинг во Куманово.
„На овие избори катастрофално ќе изгуби раководството на СДСМ, а притоа ВМРО нема да добие, ќе добие ЗНАМ. Исто како на локалните и ќе го повториме тоа сите заедно“, рече Димитриевски.
Тој и носителите на листите во шесте изборните единици на настанот ја презентираа програмата „Проглас за достоинствена Македонија“. Корупцијата ја посочија како најголем проблем во државата и ветија нејзино искоренување.
Видете и ова: Големите партии во пол-позиција за стартот на изборната тркаНосителот во „двојката“ во која влегува и Куманово, Даниел Стојчевски, меѓу ветувањата ги посочи: зголемување на казни за злоупотреба на службена положба; незастарувања на дела за криминал и корупција; избор на квалитетни и искусни судии; укинување на доживотниот мандат на судиите; нотарите и извршителите да станат државни службеници; зголемување на платите во правосудството итн.
Останатите носители на листите зборуваа и за проекти од економијата, екологијата, развојот на земјоделството, образованието, здравство…
Левица, пак, одржа собир во Велес, каде меѓу говорниците беа партискиот лидер Димитар Апасиев кој е и носител во „единицата“, носителот во „тројката“ во која спаѓа и Велес – Борислав Крмов, како и претседателската кандидатка Билјана Ванковска.
Апасиев во говорот порача дека „оваа е буквално последниот историски воз да се престроиме геополитички со цел да си ја зачуваме државата“.
„Крајно време е да направие Македонска платформа и јасно да кажеме ‘не преговараме за унитароста’. Нема да дозволиме оџи и попови да ни ја креираат јавната политика и на секое ќоше да никнуваат само цркви и џамии. Не преговараме за идентитетот, не може историски комисии да ни кажуваат дека нашиот јазик постои од 194 и некоја година и дека Гоце Делчев е Бугарин и дека нашите АСНОМ-ски корени всушност не постојат“, рече Апасиев.
Видете и ова: СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ го означија почетокот на кампањата за парламентарните избориВо кампањата за парламентарните избори Левица настапува под слоганот „Неподмитливите во Собранието“, а меѓу ветувањата во нејзината програма кои ги истакнаа на првиот ден од кампањата се државни социјални станоци за лицата во социјален ризик и ограничување на цените за становите, како и зголемување на минималната пензија на две третини од минималната плата и отворање пензионерски домови во државна сопственост.
Коалицијата „Храбро за Македонија“, пак, во која се ГРОМ, Интегра и ПЦЕР, својата кампања ја започна од скопската населба Ченто. Претседателот на Интегра, Љупчо Ристовски даде ветувања за зголемување на сите пензии што се под 25.000 денари и ниски даноци.
Видете и ова: На стартот на кампањата, Мицкоски побара „македонско национално единство“Владејачкиот СДСМ вечерва (18 април) одржа повеќе митинзи во различни градови од шесте изборни единици. ВМРО-ДПМНЕ кампањата ја стартуваше со централен митинг во Охрид.
ДУИ симулираше собраниска седница на која се гласаат уставни измени за вметнување на Бугарите во Уставот и за избор на претседател на државата во Собранието. Албанската опозициска коалиција „Вреди“ на прес-конференција во Скопје ги претстави носителите на листите во шесте изборни единици, а вечерва одржа и митинг во Струга.
Кампањата за парламентарните избори ќе трае до 6 мај. Гласањето ќе биде на 8 мај.
Видете и ова: ДУИ на стартот на кампањата симулираше гласање на уставни измениЗа парламентарни избори, Северна Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници, при што според таканаречениот Донтов модел се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие.
Во трка за освојување пратенички мандати на овие избори се кандидати од 17 различни листи поднесени од партии и коалиции.
Видете и ова: „Вреди“ ја почна кампањата за изборите - економските ветувања во фокусотПаралелно, во тек е и претседателската кампања. Првиот круг од гласањето на претседателските избори ќе се одржи на 24 април. Во трка се седум кандидати за шеф на државата. Доколку никој од нив не освои 50 отсто плус еден глас, двајцата кои ќе добијат најмногу гласови ќе се пласираат во вториот круг за кого гласањето ќе биде истиот ден со парламентарните избори – 8 мај.