Традиционално со митинг во Охрид, опозициската ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „Твоја Македонија“, вечерва (18 април) ја започна кампањата за парламентарните избори закажани за 8 мај.
Партискиот лидер, Христијан Мицкоски, повика на излезност на изборите и ја побара поддршката од граѓаните. Упати пораки дека со овие избори завршува „политичката етапа на корумпирани политичари“.
„Народот доаѓа по своето, по тоа што му е одземено. Доаѓа по Македонија, да си ја врати во свои раце и да ги отпочне големите промени на свеста, на начинот на живот, на вредностите со кои ќе покажеме на сите дека можеме, дека знаеме, дека си ја сакаме државата. Дека не ја даваме“, рече Мицкоски.
Видете и ова: Големите партии во пол-позиција за стартот на изборната тркаВо говорот тој повика и да запрат нападите кон партиите ЗНАМ и Левица и побара „обезбедување на македонско национално единство“. Со двете партии, рече тој, имаат разлики и од идеолошка и од принципиелна природа, но сега, според него, најважно е „да се фокусираат на оние кои ја киднапирале државата“.
„Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор“, рече Мицкоски.
Тој ја критикуваше актуелната власт дека не направила ништо за подобар живот и нема граѓанин кој не е загрижен. Земјава, обвини тој, е донесена меѓу најсиромашните и најкорумпираните во светот и е „рекорден по иселени лица во последните шест и пол години“.
Видете и ова: СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ го означија почетокот на кампањата за парламентарните избориПокрај Мицкоски, на митингот зборуваа и генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски, кој е носител на листата во изборната единица пет, во која спаѓа охридскиот регион, како и кандидатите за пратеници од Охрид.
СДСМ со својата Коалиција за европска иднина, стартот на кампањата во текот на денот го означија со настан во Музејот на современа уметност, а вечерва одржаа повеќе митинзи во различни изборни единици.
Партискиот лидер Димитар Ковачевски од Гевгелија порача дека СДСМ и Коалицијата се единствената опција која има јасен план за интеграција на државата во ЕУ. По ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја обвини дека нема ниту план ниту визија и единствено што знае е „да се откаже, да ги раскара етничките заедници, да се раскара со соседите и да ја заглави државата во изолација“.
Видете и ова: ДУИ на стартот на кампањата симулираше гласање на уставни измениМитинзи и собири на првиот ден од кампањата организираа и останатите учесници на изборите. Движењето ЗНАМ одржа митинг во Куманово, Левица во Велес, коалицијата „Храбро за Македонија“ започна од скопската населба Ченто…
ДУИ, пак, стартот на кампањата го означи со симулација на собраниска седница на која се гласаат уставни измени за вметнување на Бугарите во Уставот и за избор на претседател на државата во Собранието. Албанската опозициска коалиција „Вреди“ на прес-конференција во Скопје ги претстави носителите на листите во шесте изборни единици, а вечерва одржа митинг во Струга.
Видете и ова: „Вреди“ ја почна кампањата за изборите - економските ветувања во фокусотКампањата за парламентарните избори ќе заврши на 6 мај кога на полноќ ќе настапи предизборен молк во пресрет на гласањето што ќе се одржи на 8 мај.