Соединетите Американски Држави (САД) воведоа нови санкции кон Иран кои опфаќаат субјектите поврзани со производството на беспилотни летала, соопшти американското Министерство за финансии на 18 април.
Санкциите доаѓаат како одговор по иранскиот напад врз Израел.
Конкретно, со нив се опфатени 16 поединци и два субјекти кои овозможуваат производство на беспилотни летала и мотори со кои се напојуваат иранските дронови Шахед, што беа користени во нападот на 13 април.
„Тие работат во име на иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда, на неговиот огранок за производство на дронови и на други ирански производители на мотори“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.
Видете и ова: Додека ескалира конфликтот меѓу Иран и Израел, арапските земји остануваат на своетоКанцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ), исто така, санкционираше и пет компании кои купуваат испорачуваат компоненти за производство на челик на иранската компанија КСЦ (Khuzestan Steel Company) – еден од најголемите производители на челик во Иран.
На мета се и три подружници на иранскиот производител на автомобили Бахман Груп, за кој ОФАЦ наведува дека материјално го поддржува иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда.
Покрај тоа, американското Министерство за трговија воведува нови контроли за да го ограничи пристапот на Иран до технологии.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД и нивните сојузници му помогнале на Израел да се заштити од нападите со ракети и дронови на 13 април и оти сега со санкциите бараат одговорност од Иран.
„Санкциите се насочени кон лидери и ентитети поврзани со корпусот на Исламската револуционерна гарда, Министерството за одбрана на Иран и програмите за ракетни и беспилотни летала на иранската влада што го овозможија овој дрзок напад“, вели Бајден.
Видете и ова: Нетанјаху вели дека Израел сам ќе одлучи како да се брани„Ројтерс“ пренесува и дека Велика Британија, исто така, воведува санкции против неколку ирански воени организации, поединци и субјекти, вклучително и Генералштабот на вооружените сили и морнарицата на корпусот на Исламската револуционерна гарда.
За нападот од 13 април, Техеран наведе дека бил извршен како одмазда за израелскиот напад на 1 април врз комплексот на иранската амбасада во Дамаск во кој меѓу загинатите имаше и двајца генерали.