Со претставување на носителите на кандидатските листи за пратеници во шесте изборни единици, албанската опозициска коалиција „Вреди“ ја започна кампањата за парламентарните избори.
Својата програма, коалицијата ќе ја објави наредната недела, а во денешните излагања на нејзините претставници во фокусот беа ветувања од областа на економијата. Меѓу нив и минимална плата од 800 евра.
„Ние како коалиција „Вреди“, во владата, мора да гарантираме и ќе гарантираме зголемување на минималната плата до 800 евра. Таа е единствената програма што вреди. Но, уште еднаш повторувам, за да дојде до промена, секој човек мора да биде посветен. Затоа што секој глас е важен. И го повикуваме секој гласач да излезе на денот на гласањето, за да ја гарантираме победата на промените“, изјави Арбен Таравари од „Вреди“ кој е и претседателски кандидат на оваа коалиција.
Видете и ова: ДУИ на стартот на кампањата симулираше гласање на уставни измениИзет Меџити, кој со својата партија Демократско движење е дел од „Вреди“, потенцираше дека една од економските мерки што ќе ги преземат доколку победат на избори ќе биде враќање на државните претпријатија во рацете на граѓаните.
„На сите граѓани во Северна Македонија ќе им се поделат 49 отсто од акциите на државните претпријатија, односно на секој поединец ќе се поделат акции во вредност од 10.000 евра. Овие акции ќе можат да се продаваат на пазарот, ќе донесат нова економска динамика во сите семејства, но ќе овозможат и внесување приватен капитал во овие претпријатија, што носи модернизација и развој. Овие политики, кои се успешно спроведени во многу европски земји, време е да се имплементираат и кај нас“, рече Меџити.
Тој е носител на кандидатската листа во првата изборна единица. Во втората носител од „Вреди“ е Арфрим Гаши, во „тројката“ е Шенер Биљали, во „четворката“ – Мендурим Зекмани, во „петката“ – Салим Сулејмани и во шестката“ – Биљал Касами.
Видете и ова: СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ го означија почетокот на кампањата за парламентарните избориКампањата за парламентарните избори, која започна денеска (18 април), ќе трае до 6 мај. Гласањето ќе биде на 8 мај.
Во трка за освојување пратенички мандати покрај „Вреди“ се и кандидати од уште 16 други коалиции и партии.
Паралелно, во тек е и претседателската кампања. Првиот круг од гласањето на претседателските избори ќе се одржи на 24 април. Во трка се седум кандидати за шеф на државата, а двајцата кои ќе освојат најмногу гласови ќе се пласираат во вториот круг за кого гласањето ќе биде истиот ден со парламентарните избори – 8 мај.