Трендафилов: Ќе се повтори постапката за Работничкиот дом

Зградата позната како Работнички дом се наоѓа во центарот на Скопје (архивска фотографија).

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, на 18 април соопшти дека Основниот граѓански суд Скопје донел решение со кое ќе се повтори постапката за заградата на Работничкиот дом која со одлука на Врховниот суд треба да им се одзеде на синдикатите.

Трендафилов очекува дека проблемот ќе се реши во најбрз можен рок.

„До 1 мај очекуваме приоритет на постапката и нова пресуда која ќе значи враќање на предметот на повторно одлучување пред пониските судови, пред првостепениот и Апелациониот суд, или укинување на пресудата на Врховниот суд и на таков начин враќање на Работничкиот дом на работниците“, рече Трендафилов на прес-конференција на 18 април.

Видете и ова: Сага за Работничкиот дом - зградата во која се судрија социјализмот и капитализмот

Зградата на ССМ се наоѓа во центарот на Скопје. На 9 ноември лани, Врховен одлучи дека таа не им припаѓа на синдикатите туку на државата.

Образложението на врховните судии беше дека „имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани, добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост“.

Ваквата одлука предизвика бурни реакции, но и протести на ССМ пред Врховниот суд.