Казна доживотен затвор изрече Основниот суд во Кочани на обвинетиот за убиството на жената која во септември лани 40-тина пати беше прободена со нож.
Обвинетиот признал вина за кривичното дело за кое го товареше обвинителството – „убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин“.
„Основното јавно обвинителство Кочани го товареше обвинетиот и за кривично дело – ’уцена‘ кон истата оштетена, сторено пред убиството. Меѓутоа тоа дело обвинетиот не го призна, за што постапката е раздвоена и за тој дел од обвинението ќе продолжи судска постапка“, велат од обвинителството.
Видете и ова: Молкот „соучесник“ во убиства на женитеУбиството предизвика низа реакции во јавноста, пред сè, од граѓанскиот сектор кој реагираа дека до вакви фемициди доаѓа поради непостапување на институциите.
Истражување на оваа тема насловено „Фемицидот во Северна Македонија – состојба, правна рамка и судска пракса“, во кое се анализирани четири години (од 2018 до 2022), покажува дека во овој период имало 17 постапки за фемицид за 19 кривични дела. Пет од сторителите биле во брак, пет во вонбрачна заедница, четири разведени и тројца неженети. Најголем дел од нив биле невработени. Како жртви се јавуваат нивните сопруги, сегашни или бивши, а потоа следат мајки, баби, или мајки на сопругата.