Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, во четврток (18 април) најави дека локалните избори ќе се одржат на ист ден со изборите во Белград, на 2 јуни.
Таа на прес-конференцијата рече дека за оваа одлука ќе биде потребна измена на Законот за локални избори и оти очекува да распише избори на 21 април. Истакна дека разговорите со опозицијата траеле 17 дена.
Брнабиќ претходно изјави дека барањето на опозициската коалиција Србија против насилството (СПН) за комбинирање на одржувањето на Белград и другите локални избори е неуставно и неприфатливо.
„Ситуацијата во која се наоѓа нашата земја е исклучително тешка. Притисоците се секојдневни, разновидни и континуирани. Во такви услови ни треба што е можно поголема внатрешна стабилност. Доколку околностите во кои се наоѓа Србија беа поинакви, верувам дека мојата и одлуката би била поинаква“, рече Брнабиќ.
Таа додаде дека ќе продолжи да работи според препораките на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР).
Брнабиќ повтори дека ќе се формираат две работни тела за подобрување на изборните услови.
Според неа, едното работно тело ќе се занимава со измени и дополнувања на сите релевантни закони со кои се применуваат препораките на ОДИХР, а другото ќе врши увид, контрола, надзор над избирачкиот список и по потреба негова ревизија.
Опозицијата на претходните средби изнесе три барања - формирање комисија која ќе го проверува избирачкиот список, отворање на Радио-телевизија Србија за сите учесници на изборите, како и одржување на изборите во Белград и локалните избори во ист ден.
Власта во принцип ги прифати првите две барања, а третото го отфрли, по што опозицијата најави дека не сака да преговара за првите две додека не се прифатат трите барања.
Видете и ова: Власта и опозицијата во Србија без договор за изборните условиИзборите во Белград беа повторно распишани, бидејќи по гласањето во декември 2023 година, ниту една листа не освои мнозинство за да формира влада во Белград.
Неколку недели по изборите, во Србија се одржаа протести на кои се бараше поништување на изборите и распишување нови под различни услови.
Опозициските коалиции Србија против насилството и НАДА ја обвинија владејачката коалиција предводена од Српската напредна партија (СНС) за изборна кражба.
На бројни нерегуларности за време на вонредните парламентарни, покраински и локални избори одржани на 17 декември во Србија укажаа и меѓународните и домашните набљудувачки мисии.
Надлежните постојано негираа дека имало посериозни изборни нерегуларности.
Во февруари, Европскиот Парламент усвои резолуција со која бара од властите во Србија да ја олеснат меѓународната истрага за наводните нерегуларности, со посебен осврт на изборите за градското собрание на Белград.