Контроверзии во кинеските инвестиции на Западен Балкан

Работници на автопатот Кичево- Охрид

Мапирањето на кинеските инвестиции во земјите од Западен Балкан покажува дека развојната кампања на Кина во инфраструктурни проекти како Иницијативата „Појас и пат“ има висока цена за човековите права, транспарентноста и животната средина со особено силни последици за климата, се вели во извештајот на невладината организација Just Finance International.

Истражувањето се однесува на мапирање на кинеските инвестиции и судските процеси поврзани со нив во Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Албанија. Според извештајот во соседните земји се забележани над 100 случаи во десетци инвестиции, за кои како што се вели во извештајот, ја доведуваат во прашање законитоста и етиката на кинеските инвестиции на Западен Балкан.

„Во многу земји, локалните и националните политичари се чини дека ги заобиколиле или минимизирале важните регулативи со цел да ги поттикнат приливите на капитал и да ги постигнат целите за економски раст. Честопати, инженерите брзаат да започнат градежни работи дури и пред да ги исполнат релевантните законски барања, вклучително и поднесување јавни тендери, просторни планови, планови за преместување и нивната клучна проценка на влијанието врз животната средина. Поголемиот дел од правните жалби опфатени во оваа карта се фокусирани на такви прекршувања на националното законодавство“, се вели во извештајот на невладината организација.

Видете и ова: Црна Гора почнува нов кинески проект и покрај претходните контроверзи за долгот кон Кина

Во Северна Македонија се евидентирани два кинески инфраструктурни проектa и тоа изградбата на автопатите Охрид – Кичево и Миладиновци- Штип. Како изведувач на градежните работи, односно е наведена кинеската фирма „Синохидро“.

„Сепак, бројот на кривични пријави дава јасен и несоборлив сигнал дека многу кинески инвестиции - како и нивното лошо управување од страна на локалните власти - предизвикуваат жестоко противење и долги напори за отпор од погодените заедници“, се вели во извештајот.

Невладината организација пишува за судската постапка во случајот „Траекторија“, кој се однесуваше на постапката за избор на кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Овој предмет го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство во кое ги обвини поранешните власти за корупција односно наплатени провизии од кинеската фирма. Но, со измените на кривичниот законик, делото застаре па нема да бидат кривично гонети обвинетите за злоупотреба на службена должност и мито.

Во извештајот се наведуваат и најавите на власта за кривични пријави против фирмата поради одолговлекувањето на изградбата и нерешени пропусти при изградбата. Еден од наведените пропусти во 2017 година е протестот на работниците ангажиран од фирмата подизведувач на Синхидро за неисплатени плати. Меѓу другите се забележува и предизвикана штета на приватен имот поради несоодветни услови на градилиште, несреќа при работа и непочитување во целост на стандарди за здравје и безбедност при работа, како и тужба на локалното населени во Дебарца против Синохидро затоа што со градежните активности предизвикале поплава во ниви во селото.

Видете и ова: Изградбата на автопатот Кичево - Охрид е лош проект, но враќање назад нема

Според последните измени на законот рокот за изградба на автопатот Кичево Охрид се пролонгира до 2026 година, при што актуелниот министер за транспорт и врски истакна дека до сега се спроведени 83 проценти од проектот.

Видете и ова: Кој пат ќе го фати договорот за автопатот Кичево - Охрид?

„Се побара продолжување. Причините за пролонгирање на проектот се добро познати, а пред сѐ се должат на појавата на 13 нови свлечишта што бара дополнително проектирање и нови технички решенија”, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Автопатската делница Кичево-Охрид на Коридорот 8 почна да се гради во февруари 2014 година. Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, а по неколку анекси на Договорот и продолжувања на роковите неговата цена достигна 598 милиони евра. Тој износ според Министерството за транспорт и врски нема да се менува и покрај пролонгирањето на рокот.

Голем број на претставки се поднесени против локалните и националните власти во земјите од Западен Балкан, кои често поддржуваат или се усогласени со кинеските инвестиции, но тие не се вклучени во ова мапирање.

„Досега не е јасно колку од поднесените жалби може да бидат отфрлени од судовите или всушност да доведат до значајни пресуди. Многу случаи се одолговлекуваа повеќе години, предизвикувајќи високи трошоци за инволвираните страни“, се вели во извештајот.