„Тоа што Северна Македонија е еден од коспонзорите на резолуцијата за геноцидот во Сребреница, не е однос кон Србија или однос кон српскиот народ, ова е однос кон едно злосторство кое веќе е направено и за кое меѓународните судови имаат констатирано дека се работи за геноцид и дека негирањето или продолжувањето на глорифицирањето на сторителите е продолжување на геноцидот во друга форма. Така што, мислам дека е најдобро и за Србија да ја залечи оваа рана, како што тоа го направија и Германците и другите народи“, одговори министерот за надворешни работи Бујар Османи, на новинарско прашање за тоа како ги коментира изјавите од српска страна за тоа што земјава е коспонзор на резолуцијата за Сребреница во ОН.
Османи вели дека во Министерството за надворешни работи(МНР) веќе имал средба со српската амбасадорка во Северна Македонија и нејзе јасно и бил пренесен ставот за ова прашање.
„Осуда на геноцид е универзална човекова должност и тоа не е поврзана со било која припадност. Јас апсолутно секаде каде што има судска меѓународна одлука за злосторства против човештвото, не правам поделби во однос на сторителите. Утре може и ние да бидеме жртва, или генерациите после нас може да се жртви и затоа не смееме да останеме неми за злосторства од тој тип“, изјави Османи.
Инаку изјавата на министерот Османи дека земјава одлучила не само да ја поддржи, туку и да ја коспонзорира резолуцијата на Обединетите Нации за сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница, српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ ја оцени како „дрскост“ и го праша дали сака да поднесе резолуција за геноцидот на Србите во Јасеновац, заедно со Србија.
Видете и ова: Северна Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата за Сребреница во ОНСеверна Македонија е еден од коспонзорите на резолуцијата со која се бара 11 јули да се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница. Османи ги повика земјите членки на ОН, а особено Србија да ја поддржат таа резолуција.
Инаку вечер (17 април) во Њујорк ќе се одржат неформални затворени консултации за нацрт-резолуцијата, за која Генералното собрание на ОН треба да се изјасни на почетокот на мај.
Средбата е закажана за 22 часот по средноевропско време.
Неформални консултации за нултата нацрт-резолуција „Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница 1995 година“, под точка 14 од дневниот ред, свикуваат постојаните мисии на Германија и Руанда, заедно со постојаните мисии на Албанија, Босна и Херцеговина, Чиле, Финска, Франција, Ирска, Италија, Јордан, Холандија, Лихтенштајн, Малезија, Нов Зеланд, Словенија, Турција и САД, објавено е на веб-страницата на ОН.
Генералното собрание на ОН треба да гласа за резолуцијата на пленарна седница на 2 мај.