Пекинг: Има уште многу работа пред мировниот самит за Украина

Кинескиот претседател Кси Џинпинг и германскиот канцелар Олаф Шолц во Пекинг, 16 април 2024 година

Кина соопшти дека има „уште многу работа“ пред да се одржи мировната конференција за војната во Украина во Швајцарија, но не кажа дали ќе присуствува на состанокот.

Кина и Русија ја зајакнаа економската соработка и дипломатските контакти во последниве години, а нивното стратешко партнерство стана посилно по инвазијата на Москва на Украина.

Додека Кина тврди дека е неутрална во конфликтот во Украина и дури се обиде да игра посредничка улога, таа беше критикувана поради одбивањето да ја осуди офанзивата на Москва.

Швајцарската влада минатата недела објави дека ќе биде домаќин на мировната конференција на високо ниво за Украина во средината на јуни, но дека Русија нема да присуствува.

Видете и ова: Русија ја отфрла мировната конференција во Швајцарија

Германскиот канцелар Олаф Шолц по неговите разговори со кинескиот претседател Кси Џинпинг во вторникот (16 април) во Пекинг изјави дека се согласиле „интензивно и позитивно да ја координираат“ промоцијата на таа конференција.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави најавата, велејќи дека Кина може да помогне да се постигне „праведен мир“ за неговата земја.

Меѓутоа, Кина во средата одби експлицитно да потврди дека ќе учествува на собирот, велејќи дека Кси ја поддржал конференцијата „признаена од Русија и Украина“ и дека „има уште многу работа“ пред да се одржи.

Кси „го поддржува свикувањето на меѓународна мировна конференција во догледно време... со еднакво учество на сите страни“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џијан.

„Кина верува дека секој конфликт на крајот мора да се реши преку дипломатски канали и политички преговори“, додаде Лин, наведувајќи дека „единствениот излез од украинската криза е на преговарачката маса“.

Видете и ова: Шолц ја повика Кина да придонесе за „праведен мир“ во Украина

Шолц, исто така, во вторникот рече дека го повикал Кси да го искористи своето влијание врз Русија за да изврши притисок врз неа да стави крај на „бесмислената“ војна во Украина и да ги повлече војниците од соседната земја.

„Зборот на Кина има тежина во Русија“, рече тој.

Кинеската државна телевизија CCTV соопшти дека Кси навел „четири принципи за спречување на украинската криза да излезе од контрола и да го врати мирот“.

Земјите мора да се фокусираат на „одржување мир и стабилност и да се воздржат од барање себични придобивки“, како и „да ја смират ситуацијата и да не долеваат масло на огнот“, рече Кси.

„Мораме да создадеме услови за враќање на мирот и да се воздржиме од дополнително влошување на тензиите“, изјави Кси, додавајќи дека треба да се направат напори за „да се намали негативното влијание врз светската економија“.

„Четирите принципи“ наликуваат на предлогот на Пекинг минатата година во кој се бараше „политичко решение“ на конфликтот, што според западните земји може да и дозволи на Русија да задржи голем дел од територијата што ја зазеде во Украина.