Рускиот претседател Владимир Путин ги повика сите страни на Блискиот Исток да се воздржат од потези кои би предизвикале нов конфликт кој би имал катастрофални последици, објави Кремљ на 16 април, пренесува Ројтерс.
Путин, кој ги зајакна врските со Иран откако испрати руски војници во Украина во 2022 година, телефонски разговараше со иранскиот претседател Ебрахим Раиси за нападот на Иран врз Израел, кој Кремљ го нарече „одмазднички мерки“.
Доцна на 13 април, Иран лансираше беспилотни летала и проектили кон Израел како одмазда за израелскиот напад врз неговиот конзулат во Сирија на 1 април, во кој загинаа седум членови на Исламската револуционерна гарда, вклучително и двајца команданти.
Иран го смета Израел како одговорен за овој напад, кој, од друга страна, ниту ја потврди ниту негираше својата вмешаност во инцидентот.
Во својот прв јавен коментар за иранскиот напад врз Израел, Путин рече дека главната причина за моменталната нестабилност на Блискиот Исток е „нерешениот конфликт меѓу Палестинците и Израел“.
Видете и ова: „Најдоброто“ за Путин: Mожните придобивки на Кремљ од нападот на Иран врз ИзраелКремљ соопшти дека Путин се надева дека сите страни ќе покажат воздржаност и ќе спречат нова рунда конфликти.
Раиси, како што се наведува во соопштението, рекол дека акциите на Иран се од ограничен карактер и дека „Техеран не е заинтересиран за натамошна ескалација на тензиите“.
Русија, која воспостави блиски врски со врховниот водач Али Хамнеи и арапските лидери како саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, постојано го критикуваше Западот дека ја игнорира потребата од независна палестинска држава во границите од 1967 година.
Путин и Раиси ги потврдија ставовите на Русија и Иран дека е потребен итен прекин на конфликтот во појасот Газа, како и решение за тешката хуманитарна ситуација и создавање услови за политичко и дипломатско решение на кризата.
Соединетите Американски Држави (САД) веруваат дека сè посилните партнерства меѓу Русија, Кина, Иран и Северна Кореја претставуваат еден од најопасните предизвици во последните четири децении.
Иран и достави на Русија голем број балистички ракети и беспилотни летала, кои Москва ги користеше во војната во Украина, која започна во февруари 2022 година.