Украински дронови уништиле радар во Русија, тврдат официјални лица од Киев

Наводно уништен радар „Небо - СВУ“ во Русија (илустрација)

Беспилотните летала на Службата за безбедност на Украина (СБУ) уништиле воени радари во областа Брјанск во Русија, потврдил извор од украинската служба, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

„Радари вредни 100 милиони долари беа погодени од седум беспилотни летала“, изјави за (РСЕ) извор од СБУ кој сакаше да остане анонимен, додавајќи дека има потврда дека рускиот комплекс повеќе не е во функција.

Тој не прецизираше кога се случил наводниот напад, а информацијата не можеше да биде независно потврдена. Неодамна, Русија не спомна ниту обид за украински напад врз Брајанск.

Видете и ова: Украина повеќекратно го зголеми производството на дронови

Радарскиот комплекс „Небо-СВУ“ го надгледуваше небото на површина од околу 700 километри во Украина, нудејќи им на руските трупи подобра контрола за време на нападите и поддршка на бомбардери кои целат на украинска територија.

Руското Министерство за одбрана на 16 април објави дека руските сили „спречиле обид за напад на украинско беспилотно летало“, соборувајќи три над регионот Белгород.

Соочена со недостиг од системи за противвоздушна одбрана, оружје и муниција, украинската војска се повеќе прибегнува кон напади со беспилотни летала на руска територија, насочени кон воени инсталации и капацитети за преработка на нафта.