Синдикатот во Македонска пошта бара нова систематизација

Зградата на Македонска пошта (илустрација)

Синдикатот во „Македонска пошта“ ќе изготви систематизација, ќе ја достави на идната влада и ќе инсистира на нејзина итна примена, како почетно решение за состојбата на Поштата, која, како што изјави денеска синдикалниот лидер Боро Велигденов, е на работ на егзистенција, а со која се доведени во прашање над 2000 работни места.

По изборите ќе се бара да се потпише и новиот колективен договор што го подготвиле, но за кој, работата на комисијата била прекината пред година и половина. Исто така се бара и итно подобрување на условите за работа и обезбедување средства бидејќи според Синдикатот во ваква состојба има огромни тешкотии во работењето.

Велигденов на прес-конференција пред Владата истакна дека веќе се консултираат со членството за организирање нов протест и почнување постапка за штрајк, откако по минатомесечниот протест не добиле одговор на барањата за состанок со Управниот одбор и со Владата.

„Како Синдикат почнуваме со подготвување на систематизација со вклучување на експерти. Целта е да се приложи на која и да биде идна Влада за да се почне веднаш со реформи, реорганизација и стабилизација на друштвото. Состојбите се крајно сериозни, финансиската состојба е алармантна, како вработени сме загрижени за редовната исплата на платата. Вчера земавме плата, но имаме неисплатена плата на над 200 договорни поштари, рече Велигденов.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Поштарот сѐ поретко ѕвони, ниските плати ги избркаа поштарите

Тој рече дека му е важно да не продолжи лошата кадровска политика и партизацијата и дека клучен проблем е токму систематизацијата.

„Со постоечката систематизација, а веруваме дека таква организација во работењето нема во ниту една институција, имаме 15 подружници, 15 директори, седум члена на Управен одбор, шефовски места, раководни позиции, советници, стручни соработници, а се помалку работници во технолошкиот процес“, укажа Велигденов.

Целта, посочи, е да се изготви нова систематизација согласно потребите на друштвото и на пазарот и да се стави огромен акцент на технолошкиот процес и на обработка на пратките.

Според него, по последниот протест на вработените минатиот месец, УО и Владата не одговориле на барањата за состанок и ги нарушиле начелата и принципите за социјален дијалог и ги оставиле вработените сами да се борат за спас на Македонска пошта и за зачувување на работните места.

Поради распишаните избори во тек се консултации со членството за да се одлучи какви ќе бидат плановите за организирање протест и штрајк.