ЕУ ќе потроши 3,5 милијарди евра за заштита на океаните

илустрација

Европската Унија ќе потроши 3,5 милијарди евра годинава за заштита на океаните и промовирање на одржливост преку серија иницијативи, изјави во вторник (16 март) највисокиот претставник на ЕУ за животна средина.

Предвидените мерки се движат од борба против морското загадување до поддршка за одржлив риболов и инвестиции во таканаречената сина економија - одржливо користење на морските и слатководните ресурси за економски активности.

Иницијативите беа објавени за време на конференцијата „Нашиот океан“ оваа недела во Атина, на која учествуваа околу 120 земји.

„Океанот е дел од тоа што сме ние и тоа е наша заедничка одговорност“, рече еврокомесарот за животна средина, океани и рибарство Вирџиниус Синкевичиус.

Обврските вклучуваат поддршка за 14 инвестиции и една реформа во одржливото рибарство во Кипар, Грција, Полска, Португалија во вредност од околу 1,9 милијарди евра и 980 милиони евра во рамките на Фондот за закрепнување и отпорност на ЕУ.

Видете и ова: На северот на Атлантикот е измерена рекордно висока температура

Други иницијативи имаат за цел да им помогнат на африканските земји да ја развијат својата сина економија.

Повеќе од 400 нови обврски во вкупна вредност од 10 милијарди долари ќе бидат објавени за време на конференцијата, изјави грчки владин претставник за Ројтерс во понеделникот, кој сакаше да остане анонимен.

Агенцијата за климатски промени на Европската Унија, Коперник, минатиот месец соопшти дека температурите на океаните достигнале рекордно високо ниво во февруари, врз основа на податоците од 1979 година. Преголемиот риболов и загадувањето со пластика се исто така главна закана за океаните.