Приватните специјализанти и утре ќе штрајкуваат

Штрајк на приватни специјализанти пред Министерство за здравство

Приватните специјализанти и утре ќе го продолжат штрајкот што го почнаа денеска, 15 април, со барања за зголемување на платата, редовно вработување и право на здравствено осигурување.

„Ја информираме јавноста дека штрајкот ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, сѐ додека Министерството за здравство после утрешната седница на Влада не излезе со официјален став и соопштение. Врз основа на одговорот од Министерството за здравство, приватните специјализанти ќе одлучат за своите понатамошни чекори“, објави Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари на мрежата Фејсбук, пренесувајќи соопштение од приватните специјализанти.

Нивни претставници попладнево имаа средба во Владата со министерот за здравство, Илир Демири, заменик министерката за здравство, Маја Манолева и професор Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања.

Видете и ова: Штрајк на специјализантите - од Владата бараат писмени гаранции

На средбата, на специјализантите им било кажано дека по утрешната владината седница ќе има информација во писмена форма за барањето за зголемување на надоместот.

Повеќе од 400 приватни специјализанти изутринава стапија во генерален штрајк и не ги извршуваат работните обврски на скопските клиники и останатите болници и амбуланти низ државава.

Тие бараат надоместот од 26.000 денари што сега им се исплаќа да се зголеми на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, здравствено осигурување, како и решавање на статусот што сега им е со договор на дело.