Евроамбасадорот Дејвид Гир не ја коментира изјавата на претседателскиот кандидат од Европскиот фронт, Бујар Османи дека уставните измени ќе бидат услов за формирање на идна влада, но повторува дека очекува спроведување на овие измени за продолжување на патот на земјата кон ЕУ.
Во одговор на новинарско прашање дали ваквиот услов ќе значи вовед во политичка криза, Гир рече дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе го продолжи патот на земјава кон Европската унија.
„Ние сме во среде изборна кампања и не одговорам на прашања за политички прашања. Се разбира, очекуваме спроведување на уставните измени, кои ѝ овозможуваат на земјата да напредува на својот пат кон Европската унија. Сакаме тоа да се случи што е можно поскоро, рече Гир пред почетокот на панел-дискусијата „Патот пред нас: консолидирање на вклученоста на граѓанското општество во Економскиот и Инвестицискиот план за Западен Балкан“ што се одржа на 15 април во ЕУ-Инфо центарот.
Дека уставните измени ќе бидат услов за формирање на идната влада претседателскиот кандидат на ДУИ и на коалицијата „Европски фронт“, Бујар Османи, кажа минатата недела во интервју за Радио Слободна Европа.
Видете и ова: Османи- Ако сака Влада, ВМРО-ДПМНЕ мора да се согласи на уставни измени„Нема да може да има влада без договор за уставни измени. Тоа е јасна констатација на сите политички партии кои што сметаат дека Европската Унија е единствена алтернатива за нас. Така што, сите опции ќе бидат искористени, од можноста да се понуди и национална влада за спас“, рече Османи во интервјуто.
Албанскиот политички блок во земјава, како клучен услов за коалицирање со македонски партнер во Владата по изборите го наметнува донесување на уставните измени веднаш по конститутивната седница во Собранието која ќе треба да се одржи најдоцна до 29 мај.
Процесот за уставните измени во Собранието беше започнат на 18 август минатата година, но тогашниот собраниски спикер Талат Џафери ја прекина седницата затоа што вледејачката коалиција на СДСМ и ДУИ не успеа да го обезбеди двотретинското мнозинство неопходно за отворање на Уставот.