Азербејџан побара од највисокиот суд на Обединетите Нации(ОН) да го отфрли обвинението против него поднесено од Ерменија за етничко чистење и кршење на декларациите за антидискриминација на светската организација.
Двете земји имаа несогласувања со децении, главно за сепаратистичкиот регион Нагорно-Карабах кој е дел од Азербејџан.
Силите на Баку повторно го зазедоа овој планински регион во септември, по години под контрола од страна на етничките Ерменци, поради што повеќето од нив побегнаа во Ерменија.
Ерменија ја поднесе својата прва жалба за дискриминација до Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг - исто така познат како Светски суд - две години по акцијата на азербејџанските сили во 2021 година, обвинувајќи го официјален Баку за кршење на Конвенцијата за елиминација на сите форми на расна дискриминација.
Ерменија го обвини Азербејџан дека го велича антиерменскиот расизам, дозволува антиерменски говор на омраза и уништува ерменски културни објекти - што Баку го негира.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Заменик-министерот за надворешни работи на Азербејџан, Елнур Мамадов, на 15 април изјави пред судот дека повеќето жалби на Ерменија се однесуваат на вооружениот конфликт околу Нагорно-Карабах и не спаѓаат во опсегот на договорот за антидискриминација.
Тој, исто така, ја обвини Ерменија дека не се вклучила искрено во преговори пред да го изнесе случајот на суд.
Во вторник, на 16 април, Ерменија ќе одговори на забелешките на Азербејџан.
Во ноември 2023 година, судот донесе итни мерки со кои на Азербејџан му наложи да дозволи враќање на етничките Ерменци кои избегаа од Нагорно - Карабах во септември.
Ерменија го обвинува Азербејџан за етничко чистење. Азербејџан вели дека е посветен на обезбедување безбедност на сите жители, без разлика на националното или етничкото потекло, и не ги принудува етничките Ерменци да го напуштат Карабах.
Тековните расправи се однесуваат само на правни оспорувања на јурисдикцијата на Меѓународниот суд на правдата и нема да навлегуваат во основаноста на тврдењата за дискриминација. Правосилната пресуда и во двата случаи може да потрае со години, а овој суд нема алатки за да ги спроведе своите пресуди.
Поранешните советски републики водеа две војни за контрола на планинскиот регион - последната во 2020 година и пред тоа во раните 1990-ти години, среде распадот на Советскиот Сојуз - што однесе илјадници животи од двете страни и предизвика егзодус од стотици илјади луѓе.
Селата од двете страни се уништени, а планинскиот регион е полн со нагазни мини по конфликтот.
Конфликтот, исто така, ги заостри односите меѓу Русија и поранешната советска Ерменија.
Ерменија официјално се приклучи на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во февруари, и покрај предупредувањето на Москва.