За еден месец сите вакцинални пунктови ќе ја добијат деветвалентната вакцина против хуман-папилома вирус (ХПВ), која од оваа година, покрај девојчињата на возраст од 12 до 15 години, може да ја примат и момчињата на иста возраст, најавија министерот за здравство Илир Демири и претседателката на Националниот комитет за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова на прес-конференција на 15 април.
Деветвалетнатата вакцина (Гардасил 9) ќе ја замени четиривалентната ХПВ-вакцина, што во Северна Македонија се користи од 2008 година. Една година подоцна беше ставена и во редовниот календар за имунизација.
„На возраст од 12 до 15 години се примаат две дози, а кај деца постари од 15 години ќе се примаат три дози. Целта за вакцинирање на момчињата е двојна: се спречува момчињата да ја пренесуваат ХПВ инфекцијата, но и самите да бидат заштитени бидејќи и кај нив се развиваат ХПВ асоцирани болести“, рече Грозданова.
Со вакцинирање на возраст помеѓу 12 - 15 години, како што додаде таа, се постигнува најдобар имунолошки одговор на организмот.
Според досегашните анализи, ракот на грлото на матката е петта водечка причина за смрт кај возрасната група од 18 до 49 години во Северна Македонија.
Се проценува дека ХПВ-вакцината спречува 70 отсто од случаите на цервикален карцином, 80 отсто од аналниот карцином и повеќе од 40 отсто од вулвеларниот карцином.
Набавени се 70 илјади дози на деветвалентната ХПВ вакцина за следните три години.
Сега, опфатот во Северна Македонија со ХПВ вакцинација е меѓу 52 и 54 отсто, што е многу понизок од препорачаниот опфат од 95 отсто за постигнување колективен имунитет.