Косовската агенција за статистика: И Србите на северот се попишуваат

илустрација

Косовската агенција за статистика соопшти дека од почетокот на пописот на населението на 5 април досега се регистрирани над 200 000 жители од сите заедници.

Авни Кастрати, извршен директор на Агенцијата за статистика, на прес-конференција на 15 април рече дека припадниците на српската заедница кои живеат во четири општини на северот на Косово одговориле на пописот.

„Верувам дека во наредните денови голем дел од нив ќе бидат попишани“, рече тој.

Пописот на населението во Косово ќе трае до 17 мај.

Сепак, Српска листа - најголемата партија на Србите во Косово, која ја има поддршката од Белград, објави дека припадниците на српската заедница нема да учествуваат на овој попис.

Последниот попис на населението во Косово во 2011 година не беше одржан во четири општини на северот каде живее мнозинско српско население, додека во општините на југ овој процес најмногу беше бојкотиран на покана на Белград.

Според податоците на Агенцијата за статистика на Косово, на пописот се јавиле 206 000 граѓани кои се изјасниле како Албанци, околу 2 000 кои се изјасниле како Срби и помал број други заедници кои живеат на Косово.

Видете и ова: САД се разочарани од повиците до Србите да го бојкотираат пописот во Косово

Надлежните од Агенцијата за статистика изјавија и дека добиле повеќе поплаки за работата на попишувачите на терен.

„Бевме принудени да ги раскинеме договорите со некои попишувачи бидејќи ги надминаа овластувањата што ги добија за време на обуката“, рече Кастрати.

Според последниот попис на населението во 2011 година, вкупниот број на жители на Косово е околу 1,8 милиони, од кои околу 25 000 се Срби. Сепак, според проценките на граѓанскиот сектор, на Косово живеат околу 100 000 припадници на српската заедница.

Оние кои ќе се одлучат да не се пријават овој пат можат да се соочат и со казните предвидени со закон: од 30 до 2000 евра. Казните за бизнисмените се уште повисоки и се движат до 20 000 евра.