Приватните специјализанти во генерален штрајк

илустрација

Приватни специјализанти најавија генерален штрајк од денеска (15 април). Причина за штрајкот, како што најавија во четвртокот преку соопштение, е што и покрај одржаниот протест на 27 март и остварената средба со министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, на 2 април, сè уште не биле исполнети нивните барања.

„На средбата со министерот за здравство, од негова страна ни беше ветено дека нашите барања ќе бидат изнесени на следната седница на Влада. По остварената средба со министерот, одржани се две седници на Влада и тоа на 3 и 9 април, на кои според јавно достапните информации на Влада, во ниту една од нив не е разговарано за нашите барања“, се посочува во соопштението.

Поради тоа, како што се додава во соопштението, испратено во име на приватните специјализанти при универзитетите за медицински науки „Кирил и Методиј” и „Гоце Делчев“ - Штип, принудени се да го направат следниот чекор - пристапување кон генерален штрајк од денеска. Се најавува тој да трае сè до исполнување на нивните барања.

Видете и ова: Специјализантите на протест за поголем месечен надомест и регулиран работен однос

Од Министерството за здравство, исто така во четвртокот, беше кажано дека по средбата со приватните специјализанти, изготвен бил извештај и доставен е до Владата. На некоја од седниците, како што беше посочено, ќе дојде на разгледување со цел да се видат барањата и можните решенија во овој предизборен период.

На државните клиники работат околу 400 приватни специјализанти за месечен надоместок од 26 000 денари, а едно од нивните барања е негово покачување на 40 000 денари.