Иран ги предупредил своите сојузници 72 часа пред нападот

Илустрација, ирански проектил во близина на антиракетсниот израелски систем, утрово на 14 април

Регионалните сојузници на Иран биле однапред информирани за неговите воздушни напади врз Израел, изјави министерот за надворешни работи на Техеран, Хосеин Амир-Абдолахиан.

„Ние, природно, ги информиравме нашите пријатели во регионалните земји 72 часа пред операцијата дека одговорот на Иран во форма на легитимна одбрана е дефинитивен и сигурен“, рече Амир-Абдолахиан во коментарот пренесен од иранската новинска агенција ИСНА на 14 април.

Повеќе детали не се изнесени, па останува нејасно дали сојузниците на Иран биле информирани за точниот тајминг на нападот. Извештајот не прецизираше ниту кои нации наводно биле информирани.

Видете и ова: Турција го повика Иран да избегне понатамошна ескалација со Израел

Претходно портпаролот на израелската војска контраадмирал Даниел Хагари изјави дека при синоќешниот ирански напад врз Израел биле истрелани повеќе од 300 беспилотни летала и проектили, но 99 отсто од нив биле пресретнати.

Хагари рече дека Иран истрелал 170 беспилотни летала, повеќе од 30 крстосувачки ракети и повеќе од 120 балистички ракети, но само неколку балистички проектили стигнале до израелска територија, предизвикувајќи мала штета на воздушната база.

Нападот помина без жртви, повредено е едно 7 годишно девојче кое според израелските здравствени власти е во тешка здравствена состојба.